За едни ова ќе биде идеална можност за бегство до море, езеро или планина, додека други ќе го искористат празникот за посета на некој од бројните храмови и манастири посветени на Пресвета Богородица.
Патувате за Грција? Подгответе се за зголемена фреквенција
Голем број граѓани традиционално продолжениот викенд го користат за патување до грчкото крајбрежје, па и овој пат се очекува зголемен број возила на патиштата и на граничните премини.
Посебно внимание треба да се посвети на преминот Богородица – Евзони, каде што во текот на август веќе имаше периоди со подолги чекања. Поради празникот, но и поради крајот на туристичката сезона, кога има поголема смена на туристи, се очекува дополнителен наплив на патници, особено во петок и сабота.
На оние кои планираат да патуваат им се препорачува однапред да го испланираат времето на тргнување, да бидат подготвени за евентуални задржувања и да ги следат најновите информации за состојбата на границите.
Празнична атмосфера во храмовите и манастирите
Голема Богородица е еден од најзначајните празници во православниот календар, а низ земјава ќе биде одбележан со богослужби и молитви во бројни цркви и манастири посветени на Пресвета Богородица.
Една од убавите опции за скопјани е манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во Матка, сместен во амбиентот на кањонот Матка, на околу 17 километри југозападно од Скопје.
Од сестринството на манастирот ги повикуваат верниците да присуствуваат на празничното одбележување. За 28 август ќе биде обезбеден и дополнителен превоз за посетителите. Покрај редовната автобуска линија број 60, по потреба ќе сообраќа и дополнителен автобус до Полициската станица Матка, од каде посетителите ќе бидат превезувани со минибус до најблиската пристапна точка до манастирот.
Каде сè може да се отпатува за продолжениот викенд?
За оние кои сакаат да патуваат низ Македонија и истовремено да го почувствуваат празничниот дух, меѓу местата што можат да се посетат се:
- Црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Македонска Каменица, најголемиот храм во градот. На Голема Богородица таму се одбележуваат и Денот на општината и Денот на рударите.
- Манастирот „Св. Богородица – Пречиста“, познат и како Крнински манастир, во близина на Кичево.
- Црквата „Успение на Пресвета Богородица“ – Каменско во Охрид, позната и како Света Богородица Каменско.
- Манастирската црква „Успение на Пресвета Богородица“ во селото Дуф, во гостиварскиот крај.
- Црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Долно Дупени, во ресенскиот регион.
- Црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во селото Гари, една од позначајните селски цркви во дебарскиот крај.
Овие места нудат можност празничните денови да се поминат во мирна атмосфера, опкружени со природа и далеку од секојдневната брза динамика.
За оние кои, пак, сакаат едноставно да се одморат, изборот е голем – од Охридското и Преспанското Езеро, преку Матка и Маврово, до планинските предели и помалите села кои во летниот период имаат посебен шарм.
Три слободни дена значат нова можност за кратко бегство од секојдневието. Без разлика дали ќе изберете море, езеро, планина или посета на некој храм, продолжениот викенд може да биде одлична прилика за одмор и убаво време поминато со најблиските.
