Кратово реши да ги мотивира младите да останат и да го продолжат образованието во својот роден град — и за тоа нуди конкретна финансиска поддршка.
Советот на општината едногласно ја усвои иницијативата на градоначалникот за доделување еднократна парична помош за сите ученици кои годинава ќе се запишат во прва година средно образование на територијата на општината.
Според донесената одлука, секој ученик што ќе се запише во прва година гимназиско образование ќе добие по 9.000 денари.
Дополнителна поддршка е предвидена и за учениците кои ќе изберат стручно образование во областа угостителство и туризам, односно профил хотелско-ресторантски техничар. За нив е обезбедена еднократна субвенција од 3.000 денари.
Но тука приказната не завршува.
Учениците кои ќе бидат дел од дуалното образование и ќе ги исполнат потребните услови, ќе можат да добиваат и месечна стипендија од 3.500 денари во текот на девет месеци, обезбедена од Владата и Министерството за образование.
Од општината велат дека целта е јасна — младите да не мора веднаш да го напуштаат својот град во потрага по образование, туку да добијат причина повеќе да останат, да учат и професионално да се развиваат токму таму каде што пораснале.
