Предлог-измените на Законот за студентскиот стандард предвидуваат воведување старосна граница за прием во државните студентски домови, како и појасни правила за санкционирање на студентите кои не го почитуваат куќниот ред.
Според предложените измени, право на сместување во државен студентски дом ќе имаат студентите кои на денот на поднесување на барањето немаат наполнето 30 години. Целта на оваа измена е поддршката да биде насочена кон студентите на кои навистина им е потребно сместување.
Дополнително, се предвидуваат и воспитни мерки за студентите што нема да се придржуваат до правилата во домовите. Во зависност од тежината на прекршокот, ќе може да се изрече писмена опомена, опомена пред отстранување или забрана за користење на услугите во сите државни студентски домови во период од една до пет години.
Со предложените измени се очекува да се обезбеди поголема правна сигурност, подобар ред и поголема безбедност во студентските домови.
Комисијата не ги прифати предложените амандмани со кои се бараше исклучок од старосната граница за лица со попреченост, како и можност студентите да поведат управен спор пред Управниот суд во случај на спор околу одлуките поврзани со сместувањето.
