Според правилата за снабдување со топлинска енергија, испораката може да започне уште во периодот од 1 до 14 октомври доколку прогнозата за средната надворешна температура за следниот ден изнесува 12 Целзиусови степени или помалку.
До официјалниот старт на сезоната, ЕСМ Снабдување секојдневно ќе информира дали се исполнети условите за испорака на топлинска енергија. Одлуките ќе се носат врз основа на температурните прогнози на Управата за хидрометеоролошки работи и правилата утврдени од Регулаторната комисија за енергетика.
Граѓаните да ги проверат радијаторите и инсталациите
Од ЕСМ Снабдување ги повикуваат корисниците навреме да ги завршат сите поправки на внатрешните грејни инсталации и завршените интервенции да ги пријават во Центарот за грижа на потрошувачи.
Посебен апел има и до заедниците на сопственици да обезбедат пристап на службените лица до топлинските потстаници.
За непречено функционирање потребно е и редовно електрично напојување на топлинската станица, што подразбира исправна електрична инсталација и подмирени сметки за електрична енергија.
Потрошувачите можат да проверат и дали нивната зграда се наоѓа на списокот на затворени објекти во кои во моментот нема услови за испорака на топлинска енергија.
Речиси 67.500 домаќинства се греат на парно
На системот за централно греење во Скопје се приклучени вкупно 67.494 домаќинства, а во текот на една грејна сезона мрежата добила дополнителни 1.521 корисник.
Според анализите, годишниот трошок за домаќинствата што користат топлинска енергија во Скопје е понизок во споредба со трошокот за централно греење во Белград, Љубљана, Софија и Сараево.
Новата сезона почнува со повисока цена на парното
Граѓаните оваа грејна сезона ја пречекуваат и со повисоки сметки. Од 1 август цената на топлинската енергија во Скопје е зголемена.
Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука со која цената за домаќинствата што се снабдуваат преку најголемиот систем – ЕСМ Снабдување, ЕСМ Дистрибуција и ЕСМ Производство на топлина – во просек се зголеми за 5,96 проценти.
Официјалниот старт на грејната сезона е на 15 октомври, но доколку во следните денови дојде до позначително заладување и се исполнат температурните услови, испораката на топлинска енергија може да започне и порано.
