Во минатото македонското домаќинство во просек броело 5, а денес 3 члена
Актуелно

Во минатото македонското домаќинство во просек броело 5, а денес 3 члена

10. 12. 2025.

Ова е податок што треба да нѐ загрижува

Се намалува бројот на членови во македонските домаќинства. Ова може да се види од пописите на населението. Според податоците од Пописот 2021, просечниот број на членови по домаќинство изнесува 3.07. Домаќинствата со 2 члена учествуваат со 26.85 отсто во вкупниот број домаќинства.

Во 1931 година едно просечно македонско домаќинство броело повеќе од 5 члена. Веќе во 1971 година просечното македонско домаќинство паѓа под 5 члена. Во 1991 година, просечно македонско домаќинство брои 4 члена. Оттогаш наваму бројките покажуваат дека домаќинствата имаат сѐ помалку членови.

Домаќинството е економска категорија и се дефинира како група од лица што живеат заедно, во ист стан и заеднички ги трошат своите приходи. Домаќинствата како што наведува Државниот завод за статистика(ДЗС), можат да бидат самечки или повеќечлени. Тие можат да бидат семејни (едно или повеќе семејства), несемејни (составени од лица што не се во семејни релации) или комбинирани (составени од лица што формираат семејство и лица што не се членови на семејството).

Демографот Дончо Герасимовски вели дека тој податок дека домаќинствата имаат во просек по 3 члена сепак укажува на лошата демографска состојба. 

Пред неколку децении имало повеќедетни семејства со 8 или 9 деца, но од година во година сѐ помал е бројот на семејства со по 5 деца.

„Имаме стотина населени места со самци. Стареењето на населението е еден од факторите кој довел до тоа. Младото население се иселува, а бројот на живородени деца наместо кај нас да се зголемува, се зголемува надвор од границите на државата. Во 2024 година околу 6.000 деца се родени во странство. Тој број од година во година се зголемува. Најголем број на семејства се со 1 или 2 деца. Немаме ни проста репродукција на населението. Земјата останува земја на старци. Бројот на бракови се намалува, и тоа автоматски влијае на бројот на деца, но и на деца коишто се 3-то, 4-то или 5-то родени во семејствата. Подоцна се склучуваат браковите. Расте бројот на бракови склучени меѓу луѓе на возраст над 25 или над 30 години, а се намалува бројот на живородени деца. Скалесто се намалува бројот на родени деца. И тие што имаат 5 или повеќе деца, треба да се види во кои региони на државата се застапени“, рече Герасимовски.

Во Република Македонија, според резултатите од Пописот 2021, има 538.348 семејства, од кои 43.39 отсто се семејства на брачен пар со деца, додека семејствата на брачните парови без деца учествуваат со 31.12 отсто во вкупниот број семејства. Најмногу сами мајки со деца има во Општина Желино (9.64 отсто), додека најголемо учество на сами татковци со деца во вкупниот број семејства има во Општина Шуто Оризари (2.7 отсто).

Извор: faktor.mk