Според законот, организаторите ќе мора да добијат дозвола од Министерството за финансии најмалку 30 дена пред почетокот на играта и да платат надоместок во висина од 18% од вкупната вредност на наградниот фонд. Доколку надоместокот не се уплати навреме, дозволата ќе биде одземена.
Правилата на giveaway-играта ќе мора јавно да бидат објавени пред нејзиното започнување, а добитниците да се објават најдоцна три дена по извлекувањето. Наградите ќе треба да бидат доделени во рок до 60 дена.
Законот првпат го дефинира и поимот „giveaway“ како игра на среќа во која учеството се обезбедува преку активности како лајкување, тагнување, споделување или објавување содржини со цел промоција на производи или услуги.
Новите правила имаат цел да обезбедат поголема транспарентност, јасни обврски за организаторите и подобра заштита на учесниците.
