Швајцарски модел: Начинот на кој кликате и пишувате на тастатура открива колку сте под стрес
Актуелно

Швајцарски модел: Начинот на кој кликате и пишувате на тастатура открива колку сте под стрес

05. 07. 2026.

Швајцарски научници развија модел што може да открие колку е едно лице под стрес врз основа на начинот на кој користи компјутерски глушец и тастатура. Истражувачите од Федералниот технолошки институт во Цирих велат дека овој модел би можел да помогне во раното препознавање и спречување на стресот на работното место.

„Се чини дека начинот на кој пишуваме на тастатура и го користиме глушецот е подобар показател за нивото на стрес во канцелариска средина отколку отчукувањата на срцето“, вели авторката на студијата, Мара Негелин, пренесува РТС.

Истражувањето покажало дека луѓето кои се под стрес почесто и помалку прецизно го движат курсорот на глушецот. Освен тоа, тие прават и повеќе грешки при пишување на тастатура.

Истражувачите анализирале однесување на 90 учесници во лабораториски услови, додека извршувале вообичаени канцелариски задачи, како што се закажување состаноци, внесување и анализа на податоци. За време на експериментот биле снимани нивното користење на глушецот и тастатурата, како и нивниот срцев ритам. Во текот на истражувањето, учесниците неколкупати биле прашани дали чувствуваат стрес и колкав е неговиот интензитет.

Во моментов, научниците го тестираат моделот споредувајќи ги лабораториските резултати со податоци од вработени во Швајцарија кои доброволно се согласиле нивното користење на глушецот и тастатурата, како и срцевиот ритам, да се следат на работното место преку специјална апликација. Истата апликација редовно ги прашува вработените како субјективно го оценуваат нивото на стрес.

Според истражувачите од Цирих, резултатите од оваа фаза на истражувањето се очекува да бидат објавени до крајот на годината. Сепак, тие предупредуваат дека откривањето на стресот на работното место отвора и важни прашања поврзани со приватноста.

„Единствениот начин луѓето да ја прифатат и користат нашата метода е доколку можеме да гарантираме целосна анонимност и заштита на нивните податоци“, вели психологот Јасмин Кер, коавтор на истражувањето.

„Нашата цел е да им помогнеме на вработените навреме да го препознаат стресот, а не да создадеме алатка што компаниите ќе ја користат за следење на своите работници“, нагласува Кер.