Новите авиолинии носат стотици илјади туристи секој месец
Актуелно

Новите авиолинии носат стотици илјади туристи секој месец

31. 07. 2025.

Македонскиот воздушен сообраќај бележи значителен раст во текот на 2024 година. Според податоците, во мај во земјава пристигнале 101.000 туристи повеќе преку авионски пат отколку истиот месец минатата година, што претставува зголемување од 20%.

Најмногу туристи пристигнуваат во Скопје, а на второ место е Охрид, кој традиционално привлекува посетители поради природните и културни атракции.

Зголемен број на летови и патници

Во првите шест месеци од 2024 година, двата аеродрома – Меѓународниот аеродром „Скопје“ и аеродромот „Св. Апостол Павле“ – Охрид – опслужиле вкупно 1.529.451 патник, што претставува раст од 5% во споредба со истиот период лани. Бројот на летови се зголемил за 3%, односно се реализирале 12.235 авиолинии од јануари до јуни.

Во јуни, двата аеродрома регистрираа 324.285 патници, што е зголемување од 12% во споредба со јуни 2023.

Подготовка за поголеми авиони

Аеродромскиот оператор ТАВ Македонија соопшти дека е подготвен да опслужува дури и широкотрупни авиони, како што се Airbus A350 и Boeing 787 Dreamliner, кои два пати слетаа на скопскиот аеродром во јули. Поводот беше Европскиот младински олимписки фестивал – Скопје 2025, при што беа регистрирани и 17 дополнителни чартер-летови.

Оперирањето со ваков тип авиони беше овозможено поради техничката подготовка на аеродромската инфраструктура. Пистата на Скопскиот аеродром е продолжена и рехабилитирана, што овозможува сигурно слетување и полетување на големи авиони.

Најпопуларни дестинации

Во првото полугодие од 2024 година, Истанбул беше најфреквентната дестинација од скопскиот аеродром, а потоа следуваат Базел-Милуз, Франкфурт, Цирих, Минхен-Меминген, Дортмунд и Виена.
Најмногу летови се реализираат кон Германија, Турција, Швајцарија, Италија и Шведска.

Раст и во Охрид

Охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ бележи двоцифрен раст од 10,9%, со 103.792 патници во првата половина на годината. Дополнителни чартер-летови и нови линии придонесоа за зголемувањето на сообраќајот во овој туристички регион.

Извор: vecer.press