Денеска е 7 Мај – Денот на македонската полиција
Актуелно

Денеска е 7 Мај – Денот на македонската полиција

07. 05. 2026.

Македонија денеска го одбележува 7 Мај – Денот на македонската полиција, датум кој од 1993 година официјално се празнува како ден на полициските службеници и безбедносните структури во државата.

Со одлука на Владата на Република Македонија од 20 април 1993 година, 7 Мај е востановен како Ден на македонската полиција, наместо дотогашниот 13 мај. Датумот е избран во чест на Смилевскиот конгрес од 1903 година, кога била организирана безбедноста на населението и делегатите во пресрет на Илинденското востание.

Смилевскиот конгрес се одржал од 2 до 7 мај 1903 година во демирхисарското село Смилево, родното место на Даме Груев. Во тие денови, селото било целосно мобилизирано за заштита и организација на безбедноста. Дел од вооружените смилевци деноноќно ја чувале околината, додека низ соседните села бил воспоставен систем на стражари и известувачи, кој функционирал како „жив телеграф“ за навремено предупредување за можни опасности.

Токму овој настан се смета за зачеток на организираната безбедност и полициска организација во Македонија.

По повод Денот на македонската полиција, денеска во 10:30 часот во кругот на Министерството за внатрешни работи ќе се одржи централна свеченост. На настанот ќе се обратат министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев.

На прославата ќе присуствуваат министри, претставници на институции, како и членови на дипломатскиот кор во земјава.

Во рамки на одбележувањето, попладнево од 17:30 часот на паркингот пред Градското собрание ќе биде организирана презентација на опрема и возила од различни полициски единици, каде граѓаните ќе можат одблиску да се запознаат со работата на полицијата и да се дружат со полициските службеници.

Од 18:00 часот, на „Школка“ во Градскиот парк е предвиден и музичко-забавен хепенинг со настап на познати музички ѕвезди.

Извор: skopjeinfo.mk