Предлог-законот предвидува воведување статус на „постојан сезонски работник“, со месечен надоместок од околу 108 евра во периодот кога нема работен ангажман. Работодавците, пак, би имале обврски поврзани со осигурувањето и задржувањето на работниците.
Мерката е насочена пред сè кон туризмот и угостителството, сектори кои се соочуваат со недостиг од работна сила. Според проценките наведени во регионалните медиуми, недостигаат меѓу 20.000 и 25.000 сезонски работници.
Целта е да се мотивираат домашните работници да останат во секторот и следната сезона повторно да се вратат кај истиот работодавец, наместо секоја година да бараат нова работа.
Законот сè уште не е усвоен, а властите очекуваат тоа да се случи до крајот на 2026 година, за моделот да почне да се применува во следната туристичка сезона.
Во Македонија, од почетокот на 2026 година се применува Законот за работно ангажирање на лица, кој овозможува поедноставено законско ангажирање за одредени повремени и сезонски работи. За разлика од црногорскиот предлог, македонското решение првенствено е насочено кон формализирање на работниот ангажман, а не кон обезбедување надоместок во вонсезонскиот период.
