Преспа пред УНЕСКО: Албанија, Грција и Македонија со заедничка кандидатура
Актуелно

Преспа пред УНЕСКО: Албанија, Грција и Македонија со заедничка кандидатура

16. 09. 2026.

Албанија, Грција и Македонија работат на унапредување на заедничката кандидатура за вклучување на регионот Преспа на листата на светско наследство на УНЕСКО, објави албанската новинска агенција АТА.

Иницијативата била разгледана на состанокот меѓу албанскиот министер за туризам, култура и спорт, Бленди Гонџа, и новоназначениот грчки амбасадор во Албанија, Ламбрини Комини.

Гонџа порача дека Албанија го поздравува предлогот на грчкото Министерство за култура и е подготвена да соработува со Македонија и Грција за продолжување и унапредување на постапката.

Според него, заедничката кандидатура не би значела само добивање статус на УНЕСКО, туку и можност за поголема меѓународна промоција на Преспа, зачувување на културното наследство, одржлив развој и унапредување на туризмот.

Преспа, која се протега на териториите на трите земји, претставува и заедничка одговорност и можност за прекугранична соработка.

Целта е регионот да се развива како европски модел за прекугранична соработка, каде што природата, културата и туризмот ќе придонесуваат за поврзување на трите земји и создавање нови можности за локалните заедници.