Од 18 години, максимум 20 km/h и казни до 275 евра: Собранието донесе нови правила за електричните тротинети

Од 18 години, максимум 20 km/h и казни до 275 евра: Собранието донесе нови правила за електричните тротинети

30. 06. 2026.

100 евра казна за превезување друго лице на тротинет. Казната се изрекува и на возачот и на лицето што се превезува.

Собранието ги усвои измените на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, со кои се воведуваат значително построги правила за користење на електричните тротинети, кои во законот се дефинирани како „лесни електрични возила“. Новите правила предвидуваат повисока старосна граница за возачите, намалена максимална брзина, повисоки казни и можност за привремено одземање на возилото.

Што се менува?

  • 18 години – минимална возраст за управување со електричен тротинет (досега беше 14 години).
  • 20 km/h – нова максимална дозволена брзина (досега беше 25 km/h).
  • Возачите ќе мора да слезат од тротинетот и да го туркаат при преминување преку пешачки премин доколку нема велосипедска лента или патека.

Казни што ги предвидува законот

  • 100 евра казна за опасно управување со тротинет – возење без раце на управувачот, држење за друго возило, возење на едно тркало, влечење или туркање предмети и слично.
  • 100 евра казна за превезување друго лице на тротинет. Казната се изрекува и на возачот и на лицето што се превезува.
  • 225 евра казна ако возачот управува со тротинет со 0,51 до 1,00 промили алкохол во крвта.
  • 275 евра казна ако се утврдат 1,01 до 1,50 промили алкохол во крвта.
  • 275 евра казна за родител ако дете управува тротинет

Во кои случаи ќе се одзема тротинетот?

Покрај паричните казни, законот предвидува и привремено одземање на електричниот тротинет во траење од 30 дена во повеќе случаи, меѓу кои:

  • ако управува малолетно лице,
  • ако се надмине дозволената брзина,
  • ако се превезува друго лице,
  • ако се управува под дејство на алкохол.

Со измените, во законот терминот „електричен тротинет“ се заменува со „лесно електрично возило“, што опфаќа возила со најмалку две тркала, електромотор до 0,6 kW, конструкциска брзина до 25 km/h и тежина до 35 килограми.

Новите законски одредби ќе почнат да се применуваат осмиот ден од објавувањето во „Службен весник“.