ФЕД го проценува влијанието на вештачката интелигенција врз невработеноста и инфлацијата
Актуелно

ФЕД го проценува влијанието на вештачката интелигенција врз невработеноста и инфлацијата

03. 03. 2026.

Официјалните претставници на американските Федерални резерви (ФЕД), кои во голема мера прифаќаат дека вештачката интелигенција ќе донесе длабоки економски промени, сè поинтензивно анализираат со какво темпо и во каков обем тие трансформации ќе се одразат врз пазарот на труд и инфлацијата.

Во рамки на централната банка станува сè поочигледна поделбата околу тоа како AI ќе влијае врз невработеноста и ценовните притисоци. Симболичен пресврт претставуваше одлуката на технолошката компанија Block да отпушти околу 40 отсто од своите вработени, односно приближно 4.000 лица, со образложение дека начинот на користење на работната сила суштински се менува поради вештачката интелигенција. Овој потег отвори дилема дали економијата се наоѓа пред масовна трансформација на трудот.

Во класично економско сценарио, растот на отпуштањата би бил сигнал за олеснување на монетарната политика. Но транзицијата кон економија заснована на AI носи покомплексна слика. Дел од креаторите на политиката предупредуваат дека повисоката стапка на невработеност може да стане „нова нормалност“, бидејќи на работниците погодени од автоматизацијата ќе им биде потребно повеќе време за да се пренасочат кон нови професии. Истовремено, повисоките приноси на капитал и растот на платите кај оние што ќе останат вработени би можеле да ги одржат инфлаторните притисоци.

Според економистот Адам Посен од Институтот Петерсон, станува збор за позитивен реален шок што ги зголемува приходите и вредноста на имотот, но не гарантира автоматско намалување на инфлацијата. Растот на цените на акциите го зголемува богатството на домаќинствата, додека масовните инвестиции во инфраструктура за AI ги зголемуваат трошоците за енергија и изградба. Очекувањето дека вештачката интелигенција краткорочно ќе ја намали инфлацијата, според него, е погрешна проценка.

Спротивен став има Кеви Ворш, кандидат за претседател на ФЕД, кој смета дека порастот на продуктивноста поттикнат од AI може да има дезинфлаторно дејство и да оправда пониски каматни стапки. Во авторски текст за Волстрит Журнал, тој посочува дека вештачката интелигенција ја зголемува продуктивноста и конкурентноста на американската економија и дека Фед треба да одговори со поблага монетарна политика.

Сепак, сè повеќе креатори на монетарната политика заземаат повнимателен пристап. Клучното прашање е колку брзо технолошкиот напредок ќе се преточи во нови модели на вработување и дали ќе важи историското правило според кое новите технологии на почетокот уништуваат работни места, но на долг рок создаваат уште повеќе.

Стравувањата дополнително се засилени од анализи кои предупредуваат на можност од „апокалипса на работните места“, што неодамна предизвика краткотраен, но забележителен пад на берзите. За разлика од претходните бранови автоматизација, кои најмногу ги погодуваа физичките работни места, новата генерација на вештачка интелигенција продира во канцелариските професии, програмирањето, анализата на податоци и други интелектуални занимања.

Истражување на Институтот Брукингс од 2024 година проценува дека повеќе од 30 отсто од американските работници би можеле да доживеат нарушување на најмалку половина од своите работни задачи, процент кој веројатно дополнително пораснал во меѓувреме.

Федералните резерви се обидуваат да го следат темпото на овие промени. Бројот на истражувачки трудови и говори на официјални претставници за AI нагло се зголеми по лансирањето на ChatGPT кон крајот на 2022 година. Записниците од јануарскиот состанок на Фед покажуваат детална расправа за продуктивноста и можните импликации врз монетарната политика.

И покрај тоа, централната банка засега не ја гледа вештачката интелигенција како причина за брзо намалување на каматните стапки. Иако се бележи раст на продуктивноста, не е јасно колку од него произлегува од технолошкиот напредок, а колку од организациските прилагодувања направени за време на пандемијата.

Во основата на пристапот на ФЕД е концептот на „природна“ стапка на невработеност, проценета на околу 4,2 отсто, ниво под кое инфлаторните притисоци почнуваат да се засилуваат. Гувернерката Лиза Кук предупреди дека во услови на силен раст на продуктивноста, невработеноста може да порасне без создавање класичен економски „вишок капацитет“, што значи дека намалувањето на каматните стапки не би било нужно решение и би можело дополнително да ја поттикне инфлацијата.

Од друга страна, дел од аналитичарите сметаат дека слабеењето на преговарачката моќ на работниците може да ја намали природната стапка на невработеност, бидејќи вработените би биле подготвени да прифатат поскромен раст на платите, со што би се ублажиле инфлаторните притисоци, аргумент кој исто така води кон заклучок за потреба од пониски каматни стапки, но врз основа на поинаква логика.

Извор: bankarstvo.mk