Провизиите ги одраа граѓаните, од 20 до 70 денари за водење на трансакциска сметка месечно
Актуелно

Провизиите ги одраа граѓаните, од 20 до 70 денари за водење на трансакциска сметка месечно

13. 03. 2026.

Банкарските провизии за граѓаните во Македонија можат значително да го зголемат трошокот за користење на основните финансиски услуги. Вкупните надоместоци што клиентите ги плаќаат на банките годишно се движат од околу 800 до 6.000 денари.

За водење на трансакциска сметка месечно се наплаќа провизија од 20 до 70 денари, во зависност од банката. Дополнително, се плаќа членарина за дебитна картичка и управувачка провизија, а трошоци има и при плаќање сметки преку електронско банкарство.

Доколку клиентите користат картички од повеќе банки, вкупните трошоци може значително да се зголемат. Според проценките, едно просечно македонско семејство со две вработени лица и по две картички може годишно да потроши најмалку околу 400 евра само за банкарски провизии.

Кај кредитните картички трошоците се уште повисоки, бидејќи се плаќа годишна членарина, провизии за подигнување готовина, како и дополнителни надоместоци при плаќање во странство или во друга валута.

Поради тоа, банките сè почесто нудат банкарски пакети кои вклучуваат повеќе услуги за една месечна провизија, додека експертите советуваат граѓаните внимателно да ги следат тарифниците и почесто да користат електронско банкарство, кое обично е поевтино од услугите на шалтер.

Извор:glamur.mk