Дел од вработените веќе ги добиле средствата, додека останатите треба да ги добијат до крајот на годината.
Кој има право на К-15 и како се пресметува?
Право на регрес за годишен одмор имаат работниците во приватниот сектор кои во текот на календарската година работеле најмалку шест месеци кај истиот работодавач.
Минималниот износ на К-15 се пресметува како 40 проценти од просечната месечна нето-плата во државата исплатена во последните три месеци.
Сепак, тоа не значи дека сите вработени ќе добијат идентичен износ. Висината на регресот зависи од основицата што важи на денот кога работодавачот ќе донесе одлука за исплата.
Компаниите можат да исплатат и повисок К-15 од законски утврдениот минимум.
Исплата под минималниот износ е можна само во посебни случаи кога компанијата се соочува со економско-финансиски тешкотии, при што мора да се почитува постапката предвидена со колективниот договор.
Различна пресметка за приватниот и јавниот сектор
Правилата за пресметување на регресот се разликуваат во зависност од тоа дали работникот е вработен во приватниот или во јавниот сектор.
Во приватниот сектор минималниот К-15 изнесува 40 проценти од соодветната основица, додека во јавниот сектор за 2026 година регресот е утврден на 30 проценти од просечната нето-плата исплатена во претходната година.
До кога мора да биде исплатен К-15?
Крајниот рок за исплата на регресот за годишен одмор е 31 декември 2026 година.
Тоа значи дека работодавачите кои сè уште не ја извршиле исплатата имаат обврска да го сторат тоа до крајот на годината, согласно условите утврдени со колективните договори.
