Државата најавува засилување на контролите врз работодавачите кои исплаќаат плати пониски од законски утврдената минимална плата. Надлежните институции ќе спроведуваат почести инспекциски проверки во компаниите со цел да се утврди дали се почитуваат законските обврски за исплата на минималецот. Најавите следат по информациите во јавноста дека на огласите на Агенцијата за вработување се појавиле околу 9.000 работни места со плати под минималната. Според надлежните, сите работодавачи кои ќе ги прекршат прописите ќе се соочат со санкции, а во одредени случаи и со дополнителни инспекциски постапки и кривична одговорност, во зависност од тежината на прекршокот. Целта на мерките е заштита на работниците и спречување на практиката на исплаќање плати под законскиот минимум.
Ставот на Сојузот на синдикатите на Македонија е дека мора да се почитуваат сите закони и да се санкционираат несовесните работодавачи кои исплаќаат плати под минималната, но и оние кои не исплаќаат регрес за годишен одмор или доцнат со исплатата на платите.
– Несовесните работодавачи треба да се казнуваат не само за исплата на плати под минималната, туку и за нередовна исплата на плати, за доцнење на платите и за неисплаќање на додатоци на плата како регрес за годишен одмор. Апелираме дека постои законски минимум кој изнесува 26.046 денари и не смее да се исплаќа плата пониска од таа. Исплатата на минималец под законски пропишаниот износ е кривично дело – изјави за „Локално“ потпретседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Иван Пешевски.
Тој апелира да се потпишуваат колективни договори и останува на ставот дека минималната плата треба да се зголемува над законски утврдениот минимум.
– Недостатокот на работна сила претставува сериозна закана за работењето на компаниите. Бараме власта и работодавачите да не се обидуваат проблемот да го решаваат со увоз на работна сила, туку да понудат повисоки плати и подобри услови за домашните работници – додава Пешевски.
Ниту една компанија во земјава не смее да нуди работа за плата која е пониска од законски утврдената минимална плата, категоричен е министерот за економија и труд Бесар Дурмиши. Тој најави итни инспекциски контроли на терен и казни за сите кои го прекршуваат законот.
– Ќе имаме состанок и ќе направиме контроли кај овие компании. Ќе ве информираме какви мерки ќе преземеме. Не е важно дали огласите за работа се стари или нови, не може да се нудат огласи со плата под минималната, имаме закон кој е на сила – изјави министерот Дурмиши.
Тој испрати порака до бизнис-секторот дека државата нема да толерира заобиколување на законските прописи на штета на работниците.
– Бидете сигурни дека доколку навистина е така, односно се нудат работни места со плата под минималната, ќе преземеме мерки за тие да бидат санкционирани. Не може ниту една компанија да го злоупотребува законот – истакна Дурмиши.
Во следниот период се очекува Трудовиот инспекторат да го провери системот на огласување на АВРМ и да утврди кои работодавачи го кршеле Законот за минимална плата.
