Министерката за комуникации Аника Велс најави дека законот со нови „дигитални прописи за грижа“ треба да биде поднесен во Парламентот оваа недела. Со него, платформите би морале да им дадат избор на корисниците дали сакаат да добиваат персонализирани препораки или содржината да не биде прилагодена според нивните интереси.
„Технологијата треба да им даде избор на корисниците“, порача Велс, додавајќи дека дел од Австралијците ги ценат алгоритмите поради нивната корисност и забавниот карактер.
Австралија веќе презеде строги мерки кон социјалните мрежи. Во декември беше воведена забрана за пристап до повеќе платформи за лица помлади од 16 години, со цел заштита од онлајн вознемирување и злоупотреба.
Сепак, неодамнешни податоци од апликација за родителска контрола покажаа дека користењето на социјалните мрежи кај лицата под 16 години се зголемило и покрај забраната.
