Охрид ги (пре)стигна морските цени
Актуелно

Охрид ги (пре)стигна морските цени

31. 07. 2025.

„Лани на Халкидики плативме 10 евра за две лежалки и чадор. Оваа година, на истото место – лежалките се наплаќаат 20 евра, а пивото 7 евра. Без претерување, мораш двапати да провериш дали добро гледаш на сметката“, раскажува Ѓорѓи, скопјанец кој секоја година летува во Грција.

Тој е само еден од многуте туристи кои на социјалните мрежи го споделуваат своето разочарување од цените во најпопуларната дестинација за летен одмор меѓу Македонците.

Албанија – веќе не е тоа што беше

Со години се зборуваше дека Албанија е алтернатива за поевтино летување. Но, летово, многу посетители велат дека и таму цените забележливо пораснале.

„Албанија ни беше избор затоа што беше поевтина од Грција. Но годинава за три дена во Влора плативме колку што порано трошавме за цела недела. Лежалки, кафе, вечера – сè поскапе“, ни вели Ана, туристка од Битола која токму поради пониските трошоци пред две години почна да летува во Албанија.

Според угостител од Драч, цените растат и поради зголемените трошоци кај нивните добавувачи, но и поради сè поголемата побарувачка од странски гости, особено Италијанци и Полјаци.

Јадранот – недостижен

Црна Гора и Хрватска веќе одамна се луксузна опција за македонските туристи. Сцените од лежалки на Будванската ривиера што се наплаќаат и по 150 до 200 евра, според многумина, се надвор од здрав разум.

„Во Будва сме летувале пред 5 години, но сега и не помислуваме. Таму плаќаш само за да влезеш во ресторан. Лежалка од 200 евра? Па за тие пари цел месец живееме дома“, коментира семејство од Штип кое ова лето одморот ќе го мине во Маврово.

Охрид – „наше море“, ама по „нивни“ цени

И додека странските дестинации стануваат сè поскапи, ни домашниот бисер Охрид не заостанува со ценовниот тренд. Сместувањето, пијачките и храната се сè поблиску до морските стандарди.

„Претходно можеше со 50 евра да поминеш цел ден. Сега, ако сакаш лежалка, кафе, некој ручек и навечер да излезеш, под 100 евра нема да бидеш. И тоа е само за еден ден“, раскажува Марко од Куманово, кој летово реши наместо во Грција, да остане на домашен терен.

Од хотелски сектор велат дека растот на цените се должи на зголемените трошоци за енергенси, храна и услуги, но и дека, за разлика од минатото, сè повеќе гости се странци.

„Имаме гости од Полска, Србија, Турција и од Холандија. За нив цените се разумни, но за домашните – разбирам дека е тешко. И ние како угостители не можеме да ги задржиме цените на старото ниво со овие давачки“, изјави Менче, сопственичка на апартмани во Центарот на Охрид.

Каде летово?

Граѓаните се соочени со сè помал избор. За некои, викенд патувања или планински одмор се новиот „луксузен“ компромис. Секој се снаоѓа како може.

„Наместо море, ова лето ќе одиме во Преспа кај роднини. И тоа е убаво, важно е со кого си, не каде си. А и од сметки не боли глава“, низ смеа вели пензионерка од Прилеп.

И додека цените и понатаму растат, останува прашањето: дали летниот одмор станува привилегија само за оние со повисоки примања?

Или, едноставно – време е да се научиме дека одморот не мора да значи скапа лежалка, туку душевен мир?