Германија пред историска одлука: Се укинува ли недела како неработен ден за да се спаси економијата?
Актуелно

Германија пред историска одлука: Се укинува ли недела како неработен ден за да се спаси економијата?

18. 08. 2026.

Германската влада на канцеларот Фридрих Мерц размислува за олабавување на правилата за работа во недела за да го зголеми трошењето и да ѝ помогне на економијата која стагнира со години, објави „Волстрит журнал“. Планот за пошироко отворање на продавниците се соочува со уставна заштита за неделата како ден за одмор и со противење од синдикатите.

Уставната заштита на неделата датира од 1919 година, а закон од 1956 година ја дефинира неделата како ден за одмор и „духовно воздигнување“ — статус што останува главна пречка за каква било порадикална реформа денес, бидејќи нејзината промена веројатно би барала измена на уставната рамка, а не само на законот.

Германското трговско здружение (HDE) го смета овој чекор за недоволен. Неговиот извршен директор, Стефан Гент, за „Билд“ изјави дека се залагаат за отворање на продавниците со цел градските центри да се одржат „атрактивни и живи“, овозможувајќи од десет до двенаесет работни недели годишно низ целата земја.

Нилс Буш-Петерсен, директор на Трговската асоцијација Берлин-Бранденбург, отиде чекор понатаму и истакна дека е време одлуката за неделите да им се остави на „трговците и клиентите“. Тој напомена дека секој што продава кошула во Германија во недела технички го крши законот — што, според него, е „целосна бесмислица“ во ерата на интернетот.

Корисно или не?

Економистите се поделени околу придобивките. Каи Худец од Институтот за трговски истражувања (IFH) истакнува дека неделата е веќе најсилниот ден за повеќето онлајн продавници, што укажува дека и физичките продавници би можеле да искористат сличен потенцијал.

Во својата анализа, Институтот ИФО (IFO) заклучи дека не постои солидна економска основа за ограничување на работното време и дека либерализацијата би донела позитивни ефекти врз економијата. Тие предлагаат целосно укинување на ограничувањата во работните денови, а одлуката за работа во недела да им се препушти на единиците на локалната самоуправа.

Но, професорот Михаел Оберфихтнер, кој го истражува пазарот на трудот, предупредува дека продавниците во руралните средини би можеле да имаат потешкотии да најдат доволно персонал за неделните смени, додека отворањето дополнителен ден би значело и дополнителни трошоци за енергија и работна сила за сопствениците.

Според проценките од трговскиот сектор, физичките продавници губат околу 2,5 милијарди евра промет годишно поради онлајн платформите, а се проценува дека како резултат на тоа веќе исчезнале околу 40.000 работни места во оваа гранка.

Синдикатот „Вер.ди“ (Ver.di) категорично ја отфрла либерализацијата. Силке Цимер, членка на одборот на синдикатот одговорна за трговија, изјави дека слободниот ден во недела за вработените во малопродажбата е единствениот предвидлив слободен ден за семејството, пријателите или волонтирањето, и дека тоа мора да остане така.

Од „Вер.ди“ најавија дека, доколку е потребно, ова прашање ќе го бранат и пред Федералниот уставен суд.

Покраинска надлежност

Спроведувањето поширока либерализација, дури и да постои политичка волја, се соочува со самата структура на германската држава.

Германија е федерација во која од 2006 година регулирањето на работното време на продавниците е исклучиво покраинска одговорност — секоја од 16-те федерални покраини има свој закон за отворање на продавниците, со различни горни граници за годишниот број работни недели, најчесто поврзани со „специјални пригоди“ како што се панаѓури или градски прослави.

Ова значи дека федералната влада не може еднострано да наметне општо работно време во недела за целата земја, дури и да го сака тоа. Таа може само да ја промени рамката и секторските исклучоци (како оние за пекарите и библиотеките), додека самото отворање на продавниците би барало координирана акција од 16-те покраински влади и парламенти, од кои некои, како Баварија, традиционално одржуваат построги правила.

Дополнителна сопка претставуваат и германските судови, кои систематски ги толкуваат постојните исклучоци рестриктивно. Секогаш кога локалната самоуправа ќе одобри работна недела без доволно конкретна причина, судовите редовно ги поништуваат таквите одлуки по тужба од „Вер.ди“ или од црковните здруженија, што создава постојана правна несигурност за трговците дури и во рамките на постојниот ограничен систем.

Продавници без персонал

Затоа, пореално сценарио не е една голема реформа, туку низа паралелни, регионално различни случувања. Некои федерални покраини, како што се Баварија и Хесен, веќе подготвуваат измени на законите кои би им дозволиле на целосно автоматизираните продавници да работат без персонал во недела. За тоа време, федералното ниво засега останува ограничено на тесни секторски интервенции.

Таквиот постепен и фрагментиран пат ја прави вистинската, сеопфатна либерализација на неделната работа политички и правно далечен исход, дури и ако притисокот од трговското лоби продолжи да расте.

За потрошувачите, промената, каде и да се случи, би значела поголема флексибилност при купувањето. За вработените во малопродажбата, пак, ризикот е двоен: нови работни места и смени за оние кои ги сакаат, но и губење на загарантираниот заеднички слободен ден, со опасност работата во недела по избор постепено да стане премолчена обврска. 

Извор: faktor.mk