Во тек се преговори за можна соработка меѓу Македонија и Ryanair
Актуелно

Во тек се преговори за можна соработка меѓу Македонија и Ryanair

22. 06. 2025.

Нискобуџетната авиокомпанија Ryanair повторно е во фокусот на интерес на македонската јавност, откако стана познато дека се водат преговори за нејзино евентуално влегување на македонскиот авио-пазар. На состанок кој се одржал во Лондон кон крајот на мај, претставници од македонската страна разговарале со извршниот директор на Ryanair, Мајкл О’Лири, за можноста да се воспостават директни летови кон и од Скопје.

Според досегашните информации, се разгледуваат условите под кои Ryanair би можела да започне со летови, особено во контекст на актуелната државна програма за субвенционирање на нови редовни авиолинии, која изнесува 5,8 милиони евра за периодот 2025 – 2027 година. Со оваа програма, авиокомпаниите добиваат по 9 евра субвенција по патник на скопскиот аеродром, и по 12 евра на охридскиот.

Ова не е првпат Ryanair да покаже интерес за македонскиот пазар. Компанијата најави слични планови уште во 2015 и 2018 година, но истите не беа реализирани.

Доколку се постигне договор, влезот на Ryanair би значел зголемување на бројот на дестинации и конкуренција за веќе присутните компании, особено Wizz Air, која моментално држи над 50% пазарен удел во патничкиот сообраќај од Скопје.

Со оглед на тековните предизвици во индустријата, особено техничките прегледи на авионски мотори кои влијаеја на распоредот и флотата на некои превозници, секој нов играч на пазарот би можел да донесе поголема достапност и флексибилност за патниците.

Развојот на настаните околу евентуалниот влез на Ryanair ќе се следи внимателно во наредниот период.

Извор: skopjeinfo.mk