Владата подготвува нов модел за субвенционирање на студентскиот оброк, кој треба да им овозможи поголема финансиска поддршка на студентите и поедноставен пристап до средствата.
Предлогот веќе им бил презентиран на претставниците на студентските парламенти, а една од главните новини е зголемувањето на месечниот износ на најмногу 4.500 денари.
Студентскиот оброк преку мобилна апликација
Со новиот модел се предвидува воведување на дигиталната услуга „М-студентски оброк“, која ќе биде интегрирана во националната апликација „М-услуги“.
На овој начин студентите би можеле да ги користат субвенционираните средства за купување храна и пијалаци во угостителски објекти, студентски ресторани и маркети што ќе бидат вклучени во посебна национална мрежа.
Системот ќе има и ограничувања за користење на средствата, односно со студентската субвенција нема да може да се купуваат алкохолни пијалаци и цигари.
Попусти во маркети и по искористувањето на субвенцијата
Покрај повисокиот месечен износ, се најавуваат и дополнителни поволности за студентите.
Владата планира во соработка со поголемите трговски синџири да обезбеди посебни попусти и повластени цени за одредени прехранбени производи.
Според предлогот, студентите би можеле да ги користат овие попусти дури и откако ќе ги потрошат сите 4.500 денари од месечната субвенција.
Засега не се објавени конкретни имиња на маркетите и угостителските објекти што би биле дел од новиот систем.
Кога ќе започне примената?
Новиот модел сè уште е во фаза на подготовка, па дополнително треба да бидат утврдени условите и начинот на неговото спроведување.
Со предложените измени се очекува да се намалат секојдневните трошоци на студентите и да им се овозможи поголема флексибилност при користењето на финансиската поддршка.
