Станува збор за исклучително сложен инфраструктурен проект, бидејќи трасата минува низ ридско-планински терен. Поради специфичните услови, на релативно кратко растојание ќе се градат бројни тунели, мостови, вијадукти, галерии и други објекти.
Проектот предвидува изградба на пет тунели со по две цевки, осум мостови, 11 потпатници, четири галерии и девет потпорни ѕидови. Автопатот ќе има две коловозни ленти, со по две сообраќајни ленти и лента за застанување, а вкупната ширина ќе изнесува околу 27,5 метри.
Изведувач на работите е компанијата „Гранит“, а рокот за изградба е четири години.
За реализација на проектот е обезбедено финансирање преку заем од Европската банка за обнова и развој во износ од 167,6 милиони евра, како и грант од Рамката за инвестиции за Западен Балкан во висина од 30,82 милиони евра. Дополнителни средства се предвидени од буџетот на ЈПДП за експропријација, како и грант средства за проектантите Hill International и ADT Omega.
Автопатот Скопје–Блаце е дел од регионалното патно поврзување со Косово и понатаму со Албанија, Црна Гора и Србија.
