Никој не гледа во ценовниците, сите бараме да пишува „акција“
Актуелно

Никој не гледа во ценовниците, сите бараме да пишува „акција“

16. 12. 2025.

Иако формално сè е „на дофат на клик“, реалноста за потрошувачите е далеку од едноставна. Цените навистина се објавени на веб-страниците на маркетите, но нивната споредба, велат граѓаните, е напорна, конфузна и одзема повеќе време отколку што просечно семејство има на располагање.

Наместо олеснување, добивме лавиринт од табели, ПДФ-документи и листи што се ажурираат некаде, некогаш. Или не се ажурираат воопшто.

„Седнувам навечер да споредувам, па по десет минути се откажувам. Или ќе ми се исклучи интернетот, или ќе сфатам дека во друг маркет истата работа е на акција, ама тоа не го пишува никаде јасно“, вели скопјанка која секоја недела пазари за четиричлено семејство.

Таа додава дека одамна престанала да ги следи редовните ценовници.

„Трчаме по акции. Само по акции. Ако нема жолта или црвена етикета – не ме интересира“.

И токму таму, во таа реченица, се гледа промената на навиките. Наместо рационално споредување на основни цени, кошничката сè почесто се полни според попустите на денот. Потрошувачите признаваат дека не знаат дали навистина заштедуваат, но знаат дека поинаку не можат да издржат до крајот на месецот.

„Не купувам тоа што ми треба, туку тоа што е на акција. Па после импровизирам ручек“, ни вели еден пензионер од Аеродром, со насмевка што повеќе личи на иронија отколку на хумор.

Во целата приказна, како тивко ехо, останува заборавено ветувањето за државна апликација за споредба на цените. Пред неколку месеци беше најавена како решение што ќе внесе ред, транспарентност и ќе им ја врати контролата на граѓаните. Денес, речиси никој не ја споменува. Не затоа што проблемот е решен, туку затоа што луѓето се уморија да чекаат.

„Да, се сеќавам дека зборуваа за апликација… ама знаете како, кај нас ако не излезе брзо, значи нема ни да излезе“, коментира мајка на две деца.

Економистите со кои разговаравме велат дека ваквата ситуација ја извртува суштината на транспарентноста. Формално, обврската е исполнета – цените се објавени. Практично, тие се тешко употребливи.

„Транспарентноста не значи само да ставите бројка на интернет. Значи таа бројка да може лесно да се спореди, да биде јасна, стандардизирана. Во спротивно, таа служи само за алиби“, вели универзитетски професор по економија, кој предупредува дека граѓаните, оставени сами на себе, природно ќе се свртат кон наједноставниот сигнал – акцијата.

А акциите, како што знаеме, имаат своја логика. Денес има, утре нема. Денес штедиш, утре плаќаш повеќе за нешто друго. И така во круг. Потрошувачите го чувствуваат тоа, но немаат простор за стратегија.

„Нема план. Влегувам, гледам што е поевтино и земам. Толку“, вели еден млад татко, па застанува, размислува… „И да, често купувам и нешто што не ми треба, само затоа што е на попуст. Ама кој не го прави тоа?“

Во вакви услови, ценовните објави на маркетите остануваат формалност што малкумина реално ја користат. Не затоа што граѓаните не сакаат да бидат информирани, туку затоа што системот не им го почитува времето, нервите, секојдневието.

А државната апликација, ако некогаш се појави, ќе мора да се соочи со една непријатна вистина: луѓето веќе се навикнаа да преживуваат од акција до акција. И да не веруваат премногу во големи најави.

Или, како што би рекол еден соговорник, додека ја турка количката кон каса – „убаво звучи тоа со апликацијата, ама јас утре пак ќе гледам каде е поевтино млекото. Сè друго е политика“.