Неконтинуирано финансирање на нови работни места, незадоволство на кадарот од платите, несоодветни услови за работа, нестипендирање на домашното образование и организирањето на наставата во услови на пандемија се петте главни проблеми во високото образование во моментов, покажало истражувањето кое го спроведоа од Независниот академски синдикат.
Во рамките на промоцијата воведниот збор го одржа проф. д-р Петар Атанасов кој ја истакна есенцијалната улога на академската сфера за стабилноста на државата и за општествениот развиток. Темите што беа истражувани ги опфаќаат поважните аспекти на високото образование и научната дејност. Од академскиот кадар беа анкетирани 400 професори и асистенти од факултетите и 51 професор од научните институти и јавните научни установи од четири државни и еден приватен универзитет.
Согласно резултатите на истражувањето нашиот академскиот кадар доста време посветува на научноистражувачката работа и настава (предавања, вежби и консултации), а помалку на административна работа. Мнозинство од професорите и асистентите кои предаваат на студии од прв циклус работат со групи до 30 студенти по еден предмет, а една третина од нив најчесто работи и со поголеми групи составени од 31 до 100 студенти.
Во однос на достапноста до стручната литература најмалку издвојувања се бележат кај државата, потоа од страна на универзитетот и единицата, од што произлегува дека најголем дел од потребната литература целосно си обезбедуваат самите професори (69,2 %).
Како што се покажа од истражувањето, состојбата со финансирањето на научните, апликативени и уметнички проекти од страна на државата и приватниот сектор и понатаму останува лоша. Поразителен е податокот дека 77,9 % од академскиот кадар од уметничките дејности во последните 5 години не реализирале уметнички проект.
Според истражувањето, едно од најважните прашања на кое треба континуирано да му се посветува најголемо внимание е грижата за изградбата на младиот наставен и научен кадар: нивното вработување, усовршување, напредување, финансирање на нивните истражувања, поддршка за публикување на нивните трудови, како и нивна промоција во значаен и вреден дел од нашата академска и општествена стварност.
Гледано од аспект на подобрување на квалитетот на наставата, согласно добиените резултати од сите истражувачки активности, издвоени беа неколку заклучоци и конкретни предлози:
- Непостоењето на континуирано финансирање на нови работни места и згаснувањето на работно место со заминување на професор во пензија резултира со преоптовареност на постојниот кадар и намалување на квалитетот на наставата во високото образование.
- Со заминувањето во пензија на припадници на наставно-научниот кадар не треба да се згаснуваат нивните работни места, и МОН треба да продолжи да финансира определено работно место веднаш по стапување на должност на новиот наставник кој ќе го наследи колегата што има отидено во пензија.
- Во МОН подолг временски период се издвојуваат големи буџети за стипендирање во странство на сите три циклуси на студии, а притоа воопшто не се стипендира домашното образование. Како резултат на ова, од државата си заминуваат голем број млади луѓе.
Предлог 1: Воведување на стипендии за втор и трет циклус на студии за талентираните студенти во сите области.
Предлог 2: Обезбедување целосни стипендии за младиот научно - истражувачки кадар вработен на универзитетите.
Предлог 3: Обезбедување на основните услови и специфичната опрема за наставата.
Податоците покажуваат значителен пад на квалитетот на наставата во речиси сите аспекти во услови на пандемија.
Доколку одредени факултети би барале да продолжат да работат онлајн од практични причини, да се одреди минимум настава со физичко присуство (50-60 %). Издвојување на буџет за науката од страна на државата е неопходен. Пристапот до соодветна стручна литература и учеството на конференциите во најголем дел се на товар на академскиот кадар. Кадарот во високото образование воопшто не е задоволен од издвојувањата за нивните плати. Соодветното вреднување на наставно - научниот и соработнички кадар претставува предуслов за квалитетна настава и наука.
Извор: meta.mk