Ако порано младите од внатрешноста на Македонија бараа работа во главниот град, сега како подобра опција ја гледаат работата во странство.
Сведоци сме, а и статистиките покажуваат дека трошоците за живот растат, и затоа младите сакаат да заминат на запад, каде би заработувале поголема сума на пари. За работа на брод аплицираат млади луѓе од сите градови во земјава. Тоа се генерално млади луѓе до 40 години. Платите достигнуваат и до 2.000 долари месечно. Но, не е само работата на брод. Имаат и други можности за работа во Германија или во некоја друга европска земја. За сезонска работа останува отворена опцијата за ангажман во Хрватска. Дел од работниците успеваат да најдат работа со платено сместување, или евентуално оброците да бидат на товар на работодавачот.
Има голема разлика помеѓу животот во мал и голем град. Во Скопје трошоците за живот се за 20 до 30 отсто повисоки за разлика од другите градови. Работа во Скопје има, но кириите се скапи. Младите заминуваат или во Скопје, или во Италија и Англија поради работа. Од Источна Македонија повеќето иселени се во Италија, вели Надежда економист во пензија.
„Имам апликанти за работа во Германија од цела Македонија. Сите знаеме кои се причините кои доведоа до тоа луѓето да не бараат работа во Скопје, туку да одат во странство. Финансиите се пресудни. И во Германија кириите се скапи, но работникот секако ќе заработи 4 пати повеќе пари и ќе му останат многу повеќе на крајот на месецот“, објаснува посредник за вработување.
На Германија и се неопходни 400.000 имигранти годишно за да успеат да одржат постојан број на луѓе вработени на пазарот на трудот. Македонија и Балканот пак се соочуваат со одлив на работници и тоа трае со години.
Извор: faktor.mk