Огласот за вработување на 30 машиновозачки во Саудиска Арабија привлече 28.000 апликантки, нагласувајќи го обемот на зголемена побарувачка бидејќи конзервативното кралство отвора повеќе можности за жените.
Шпанскиот железнички оператор Ренфе денеска објави дека онлајн проценката на академското образование и вештините на англискиот јазик им помогнале да го намали бројот на кандидатки за околу половина, а ќе ги селектираат и останатите до средината на март.
30-те избрани жени ќе возат возови меѓу градовите Мека и Медина по една година платена обука.
Ренфе, од каде што соопштија дека сакаат да создадат можности за жените во својот локален бизнис, моментално вработува 80 мажи што ги возат нивните возови во Саудиска Арабија, а има уште 50 под обука.
Можностите за работа за саудиските жени до неодамна беа ограничени на улоги како што се учителки и медицински сестри, бидејќи тие морале да ги почитуваат строгите правила за сегрегација на половите. На жените не им беше дозволено да возат ниту автомобили до 2018 година.
Учеството на жените во работната сила е речиси двојно зголемено во последните пет години на 33% во услови на поттик од саудиската круна да го отвори кралството и да ја диверзифицира економијата, а жените сега преземаат работни места што некогаш биле ограничени на мажи и работници мигранти.
извор: kanal5.com.mk