Во нашиот инбокс стигна порака во која ни се обраќаат две сестри барајќи поддршка за нивната бизнис идеја а пораката вели вака:
„Како млади девојки кои останаа без своите родители во детска возраст, бевме приморани да ги надминуваме животните предизвици сами. Со помош од заедницата успеавме да го завршиме нашето образование и да се изградиме како личности. Можеби мислите дека ова е тажна приказна, но, не ова е инспиративна приказна. Сега имаме шанса да и вратиме на заедницата и да помогнеме во изградбата на подобро општество. Знаејки колку е битно некој да ти подаде рака во најтешките моменти нашиот бизнис ќе вработува жени од маргинализирани групи, самохрани родители и лица под социјален ризик Ќе обезбедуваме флексибилно работно време и ќе се бориме за еднаквост и рамноправност. Истовремено ќе имплементираме еколошки пракси во нашата работа.
Ова беше доволно за да го направиме интервјуто со Кристина и Симона Василеви од Неготино и нивната чоколадна продавница Амброзија. Кристина има 22 години студент е на медицински факултет а Симона 27 години, дипломиран политолог, и својата приказна ја започнаа вака:
"Ние сме три сестри, животот ни зададе тешки удари, но секогаш си бевме најголема поддршка една на друга, токму затоа сме и совршен тим за работа. Имавме прекрасни родители кои со воспитувањето како некако да не подготвиле за сите предизвици. Секако не може да ја изоставиме помошта која ја добивавме од неколку луѓе околу нас. Бевме деца и преку ноќ моравме да пораснеме, и пораснавме. Успеавме и се уште успеваме сами да обработиме 60 декари лозови насади, да студираме и да работиме друга работа паралелно. Нашата приказна не ја сметаме за тажна туку за инспиративна затоа што успеавме да ги надминеме предизвиците, затоа што се што ни се случувало во минатото само направило подобра верзија од нас сега. Ова е доказ дека секој може и дека се во животот е минливо. Инспиративна затоа што ако ни ја раскажел некој на нас во нашите најтешки мигови, навистина ќе звучела инспиративно. Затоа и сакаме да стигне до некој друг на кој во моментот му треба да ја слушне".
- Како дојдовте до идеја за овој проект и зошто се вика Амброзија?
Готвењето и приготвувањето слатки отсекогаш било присутно во нашата фамилија. Љубовта кон готвењето ја наследивме од нашите родители. И двете готвиме уште од деца, иако и двете одбравме професии кои воопшто не се поврзани со гастрономијата, таа љубов си остана.
Во текот на еволуцијата, готвењето на храната им помогнало на луѓето за подобра дигестија и со тоа и за подобар развој на мозокот низ времето, замислете што може да направи во иднина. Токму затоа ние ќе нудиме креативен и инвентивен пристап кон храната, ќе користиме органски и локални производи, ќе се трудиме да бидеме еколошки одржливи и да ја намалиме количината на храна која се фрла. Амброзија во превод значи "храна на боговите". Според грчката митологија таквата храна на боговите им обезбедувала младост и бесмртност. Нашата храна ќе биде токму таква - да ги задоволи критериумите дури и на најприбирливите. За потребата од тоа да формираме социјално претпријатие најмногу се освестивме во последниве неколку години за време на пандемијата. Како и скоро сите од тиквешкиот регион и ние имаме лозови насади. Работејќи таму, се сретнавме со луѓе чии приказни не можевме туку така да ги одминеме. Сезонски работници, без здравствено и пензиско осигурување со непостојани приходи поради можноста за работа само неколку месеци во годината. Најчесто станува збор за лица од маргинализирани групи, кои сеуште се соочуваат и со дискриминација во процесот на барање работа. Како силни борци за еднаквост, веруваме дека секој еден може, само ако добие шанса.
- Што претставува натпреварот на Дојче Телеком и како се гласа?
Платформата на Deutche Telekоm АG бара млади со инспиративни приказни кои веќе се креатори на социјални промени и има за цел да ги поддржи. Ние учестувавме на друг натпревар со истата идеја, таа им оставила впечаток и добивме понуда да учествуваме и на овој натпревар.
Гласањето се одвива по пат на собирање "лајкови" на самата платформа. Двата тима со најмногу гласови добиваат поддршка. На следниов линк, најдолу на страницата се наоѓа копчето "like" за гласање.
https://whatwevalue.telekom.com/en-EU/projects/6wGx1RKFalT5kqzGakJ1nY
- Што добива победникот и што ќе направите вие доколку победите?
Наградени се првите двајца, и тие добиваат финансиска поддршка (колку што е потребно за идејата да почне да се реализира) и медиумска покриеност.
- Доколку победиме ние во најбрзо време би отпочнале со подготовка на просторот кој го имаме предвидено за работилница а потоа и со активна работа. Според нашите анализи на пазарот, побарувачката проценуваме да биде голема, бидејќи ќе нудиме услуги поразлични од веќе достапните, и затоа очекуваме потребата од вработени да ни се зголемува. Бидејќи живееме во мало место каде скоро сите се познаваме убедени сме дека ќе успееме да формираме совршен тим.
- Имате можност да ги повикате сите да гласаат за вас..повелете како би ги повикале?
- Никогаш не ја потценувајте разликата која можете да ја направите во нечиј живот. Затоа зачекорете напред, посегнете и помогнете. Гласајте за нас, дајте ни шанса да направиме позитивни промени во општеството, а вкусната храна која ќе ја нудиме ќе биде само бонус.
Можеби не можеме да го смениме целиот свет, но доволно е да промениме и само нечиј свет.
https://whatwevalue.telekom.com/en-EU/projects/6wGx1RKFalT5kqzGakJ1nY
Тимот на Вработување им посакува успех и победа на натпреварот!