Сервисот „AccuWeather“ денеска објави голема летна прогноза за цела Европа. Во прилог прочитајте какво време ќе преовладува ширум Европа во летото кое ни следува.
Топли бранови и опасност од пожари во Франција, Германија и на север од Италија
Во текот на летните месеци во делови од западна и средна Европа се очекуваат многу топли бранови. Најтопло се очекува да биде во Тулуз и Лион, па Милано, Фиренца, Франкфурт и Берлин.
Најекстремни грештини со пораст на температурата до 38 степени целзиусови се очекуваат на југ во Франција и на север во Италија.
Како последица на високите температури на овие подрачја се очекува суша, поради што би можело да дојде и до големи шумски пожари во овие региони.
Иако се очекува подпросечна количина на дожд, сепак во овие делови се предвидуваат и неколку опасни бури проследени со грмотевици.
Разорни и опасни бури во Полска, Чешка и Белорусија
И додека за деловите од средна и западна Европа се очекуваат само летни бури со грмотевици кои поминуваат за кратко време, Источна Европа ја чекаат низа на опасни бури во текот на целото лето.
Најголем ризик од опасни бури постои во Прага, Варшава и Минск. Овие бури ќе бидат проследени со ветрови и поплави, што може да донесе до големи пореметувања во сообраќајот.
Најсилните бури би можеле да доведат до создавање на торнадо.
Чести бури проследени со грмотевици и опасност од поплави на југ во Хрватска и Италија
Поголемиот дел од Европа може да очекува посушен период од летото од просекот, но јужните делови на Италија и Балканот, во кој влегува и Македонија, ќе бидат погодени со чести бури проследени со грмотевици.
Многу дожд и чести бури со грмотевици се очекува да има во Рим, Наполи, Тирана и Софија.
Топло, суво лето од Велика Британија до Белгија и Холандија
Поголеми периоди од топло и суво време ќе го одбележат летото во Велика Британија, на северозапад во Франција, Белгија и Холандија.
„Ова лето ќе биде едно од трите најтопли во последните 10 години на ова подрачје“, вели метеорологот Ројс.
Суша од Украина до Хрватска
Сушата ова лето ќе биде голем проблем за подрачјата од Украина па се до Хрватска и северен Балкан.
Метеоролозите предвидуваат големи суши во некои делови на Балканот и Украина, толку големи што дури е возможно некои области да се соочат со недостаток на вода за пиење.
„Нормално“ лето во Шпанија и Португалија
Иако во Шпанија и Португалија ќе има жешки денови, ова лето сепак ќе биде „понормално“ во однос на изминативе неколку години, кога во овие земји преовладуваа пеколни горештини.
Се очекува и надпросечна количина на дожд, која би требало да ги спречи големите пожари кои се случуваа во овој регион во изминативе неколку години.