Три од четири луѓе се соочуваат со страв од јавно говорење
Статистиките покажуваат дека поголемиот број луѓе имаат страв од јавно говорење. Овој страв може негативно да влијае врз вашиот професионален и приватен живот, и да биде навистина непријатно искуство. Добрата вест е дека истиот може да биде надминат преку подобрување на вашите комуникациски вештини и практикување на неколку едноставни техники.
1. Добро подгответе се
Немојте да го оставите успехот на вашиот говор на случајност. Внимавајте да бидете доволно наспани бидејќи колку и да сте добро подготвени уморот може да си го направи своето. Вежбајте го говорот дома, како и гестикулациите и промените на фацијалните експресии. Проучете ја темата пред одржување на говорот. Гледајте да го имате добро научено говорот и што е можно помалце да користите потсетник.
2. Започнете со пократки говори
Како и секој друг страв, така и овој не може веднаш да се надмине. Станува збор за процес и најдобро е да започнете со пократки говори од една до три минути. Усовршувањето на јавното говорење значи константно вежбање и подготовка.
3. Одберете соодветна облека
За успешен говор не се потребни само добри ораторски вештини. Треба да најдете соодветна облека во која ќе се чувствувате удобно. Доколку изберете комбинација која ќе прави да се чувствувате самоуверено тогаш тоа позитивно ќе се одрази и на вашиот настап. Ќе бидете посигурни во тоа што го говорите, а со тоа и публиката ќе има подобра реакција на содржината што ја презентирате.
4. Внимавајте на говорот на телото
Невербалната комуникација е истотака многу важна. Застанете право, дишете длабоко и бидете со дигната глава. Овие мали, но значителни промени ќе помогнат да изгледате сигурно и претставително. Немојте да бидете подгрбавени или да седите со рацете во џеб, но и немојте премногу да гестикулирате. На сево ова додадете и насмевка. Насмевката го намалува стресот и позитивно влијае на вашиот став, а со тоа ќе изгледате и попријателски настроени.
4. Немојте да брзате
Доколку зборувате премногу брзо за време на говорот тогаш и ќе дишете помалку. Недостатокот на воздух може да ви предизвика паника, да го зголеми стравот дека нешто ќе згрешите и да влијае на тоа како ќе звучи вашиот глас. Брзањето може да направи да заборавите се што сте сакале да кажете и тоа додатно да ве блокира. Дури и да згрешите вдишете длабоко, запомнете дека никој не ве брза и продолжете смирено.
5. Не размислувајте на реакциите од публиката
Прво што морате да разберете е дека публиката не е непријателски настроена кон вас. Таа е тука зошто сака да слушне што имате да кажете. Дури да направите грешка и публиката го забележи тоа, продолжете. Ако остатокот од говорот се движи во добра насока неколку грешки нема да имаат негативен ефект. Најдобро ќе биде да се концентрирате на оние кои покажуваат заинтересираност за вашиот говор. Остварете контакт со нив и гледајте ги во очи бидејќи така ќе покажете поголема самоувереност.
6. Користете го времето разумно
Немојте да го изгубите вниманието на публиката со долги презентации или големи воведи. Истражувањата покажуваат дека луѓето повеќе внимаваат на начинот на кој ги кажувате работите, отколку на содржината што ја презентирате. Користете кратки, јасни и гласни реченици. Задржувајте се на најважните точки и внимавајте на интонацијата. Повторувајте ги клучните зборови и не дозволувајте говорот да ви стане монотон.
7. Направете проценка и составете план за наредниот говор
Кога ќе го завршите говорот седнете и запишете ги пропустите што сметате дека сте ги направиле, неовисно дали станува збор за предолги паузи или чудни положби на тело. Тоа ќе ви помогне да ги елиминирате недостатоците и да се усовршувате со секој нареден говор. Запомнете дека дури и да го имате најголемото искуство во јавно говорење грешки ќе се случуваат. Прифатете ги и учете од истите.
Доколку сакате да го намалите времето за говорење, секогаш можете да додадете некое интересно видео или да испланирате еден дел каде публиката ќе биде инволвирана.
На крај, запомнете дека сте квалификувани повеќе отколку што мислите и не потпаѓајте под сопствениот притисок. Дајте си оддишка и честитајте си што успешно сте завршиле со говорот.
Успехот е само ваш и уживајте во него!