Четиричлено семејство на море во Грција – без 1.500 евра тешко се тргнува
Актуелно

Четиричлено семејство на море во Грција – без 1.500 евра тешко се тргнува

6/19/2026

Едно кафе на плажа, две води за децата, нешто за јадење по пат, патарини, гориво, маркет, лежалки, сладолед навечер. Теоретски гледано, одморот во Грција почнува со цената на апартманот. Во реалноста, завршува со сите оние мали трошоци што никој не ги брои првиот ден, а десеттиот веќе добро се чувствуваат во паричникот.

За четиричлено семејство од Македонија, двајца возрасни и две деца, 10-дневен одмор во Грција ова лето најчесто значи буџет од најмалку 1.500 евра, ако се оди внимателно, со сопствен автомобил, во апартман и со дел од храната подготвена дома. Покомотна варијанта, со повеќе ручеци надвор, лежалки секој ден и сместување поблиску до плажа, лесно оди кон 2.000 до 2.500 евра.

„Семејствата веќе не прашуваат само колку е апартманот. Прашуваат колку ќе ги чини целиот престој, од тргнување до враќање дома“, велат туристички работници кои работат со аранжмани за Грција.

Најголемиот трошок е сместувањето. Во Халкидики, Олимпик бич, Неи Пори, Паралија, Лептокарија или на Тасос, пристоен апартман за четворица во сезона ретко се наоѓа под 70 евра за ноќ. Во јули и август, особено ако објектот е блиску до море, цената оди и над 100 евра. За 10 ноќевања, тоа значи од околу 700 до 1.200 евра само за клучот од собата.

Потоа доаѓа патот. Од Скопје до Халкидики, со враќање и со некое локално возење до плажа, маркет или соседно место, семејството треба да пресмета најмалку 120 до 180 евра за гориво и за патарини. Ако автомобилот троши повеќе, ако се оди подалеку или ако се шета секој ден, бројката расте. Тука нема многу филозофија. Резервоарот не прашува дали си на одмор.

Храната е вториот тивок удар. Кој планира секој ден да јаде по ресторани, треба да знае дека еден семеен ручек или вечера, дури и без луксуз, тешко поминува под 45 до 60 евра. Грчка салата, две порции за возрасните, нешто за децата, пијалак и вода. Толку. Ако има риба, морски плодови или десерт, сметката оди повисоко.

Затоа многу семејства прават стара, проверена комбинација: појадок во апартман, нешто лесно за ручек, а навечер еднаш во два или три дена ресторан. Но и маркетот не е бесплатен. Леб, млеко, јајца, овошје, сирење, вода, сокови, тестенини, нешто за деца, кафе, грицки. За 10 дена, реален трошок за храна од маркет и повремено јадење надвор е од 400 до 700 евра.

Плажата, пак, одамна не е само пешкир и чадор. На многу места лежалките се врзани со минимална потрошувачка. Некогаш е доволно кафе, некогаш се бара 20, 30, па и 50 евра по сет, зависно од редот и плажата. Четиричлено семејство што не сака секој ден да плаќа лежалки ќе помине поевтино. Но ако секој ден седне во бар на плажа, само оваа ставка може да изеде уште 200 до 400 евра за целиот одмор.

А каде се сладоледите, палачинките, гумите за пливање, паркингот, лекот од аптека, магнетот за фрижидер, една тура низ Солун или некоја прошетка со брод? Тоа се оние „само уште ова“ трошоци. На крајот не се малку.

„Луѓето најчесто грешат кога го бројат само сместувањето. Реалниот одмор е сместување плус живот таму 10 дена“, објаснуваат познавачи на туристичкиот пазар.

Во најскромна варијанта, четиричлено семејство може да се обиде да се вклопи во околу 1.300 до 1.500 евра, но со многу дисциплина: поевтин апартман, сопствен чадор, готвење во соба и ретки излегувања. Реалната средна варијанта е поблиску до 1.800 евра. Сè над тоа веќе носи повеќе комфор, подобра локација, ресторани, лежалки и помалку броење на секое евро.

Грција и натаму останува најблиската морска навика за македонските семејства. Блиску е, познато е, лесно се стигнува. Но веќе не е одмор што се планира „од плата до плата“. За 10 дена море треба однапред да се пресмета речиси сè. И пак ќе излезе нешто плус.