КИПАР, ЛИТВАНИЈА И СЛОВЕНИЈА ИМААТ НАЈЧИСТИ ВОДИ ЗА КАПЕЊЕ, покажа истражувањето на Европската агенција за животна средина
Актуелно

КИПАР, ЛИТВАНИЈА И СЛОВЕНИЈА ИМААТ НАЈЧИСТИ ВОДИ ЗА КАПЕЊЕ, покажа истражувањето на Европската агенција за животна средина

6/19/2026

Според податоците што ги објави Европската агенција за животна средина (ЕЕА), во 2025 година, од 22.000 места за капење во Европа, 85% беа класифицирани како одлични, а 96% ги исполнуваа барем минималните барања на Директивата за вода за капење (BWD).

Податоците покажаа дека најголемиот дел од водите во Европа се со висок квалитет, додека само 1,5% останаа со лош квалитет, што укажува дека мерките за управување не беа доволни или не беа ефикасно спроведени.

Квалитетот на водата за капење во Европа значително се подобрил во последните децении, главно поради намалените испуштања на нетретирани или делумно третирани урбани отпадни води, се вели во извештајот кој опфати води во 22 земји на Европската Унија, како и во Швајцарија и во Албанија.

Крајбрежните морски води за капење генерално се со повисок квалитет од реките и езерата: 88% беа оценети како одлични во 2025 година во споредба со 78% од внатрешните води за капење. Притоа вкупно, 87,4% од овие води за капење беа класифицирани како одлични. Три земји учествуваа со над 60% од сите пријавени крајбрежни води за капење: Италија (33%), Франција и Шпанија (по 14%).

Сите крајбрежни води за капење во Кипар, Литванија и Словенија постигнаа извонреден квалитет во 2025 година. Спротивно на тоа, помалку од 70% беа класифицирани како извонредни во Полска, Белгија, Финска, Естонија и Албанија (во опаѓачки редослед). Во Белгија, Бугарија, Латвија, Малта и Романија, сите крајбрежни води за капење беа класифицирани како со барем доволен квалитет.

Од сите земји вклучени во истражувањето, Албанија имала само 16,8% удел на своите води кои се сметаат за извонредни, најнизок од сите европски земји, додека 38% од водите биле класификувани како одлични, а дури 23% како лоши.

И во три земји од ЕУ – Естонија, Холандија и Франција – 3% или повеќе од водите за капење биле класифицирани како лоши во 2025 година.

Само четири други земји имале помалку од 70% од своите води класификувани како извонредни: Естонија (56,9%), Полска (58,7%), Унгарија (64,0%) и Белгија (67,9%).

Грција, каде на капење одат најголем дел од македонските граѓани, дури 97,1% од водите биле со највисоката оценка за квалитет, додека Хрватска има 87,6% од водите за капење класификувани како одлични.

Речните води за капење остануваат најболната точка на Европа од аспект на чистота: само 47% од околу 1.200 назначени места за капење во реките низ Европа се означени со одличен квалитет во 2025 година.

Здравјето на капачите е заштитено со следење на фекалните индикаторски бактерии (Escherichia coli и цревни ентерококи), идентификување на ризиците од загадување преку профили на вода за капење и издавање навремени информации и предупредувања до јавноста. Директивата за води не ги опфаќа хемиските загадувачи како што се хранливи материи, фармацевтски производи и пестициди, кои се конкретно опфатени со Рамковната директива за води.

Од Атлантикот до Медитеранот, поголемиот дел од европските води за капење се со одличен квалитет за капење кога се проценуваат во однос на параметрите потребни според Директивата за отпадни води: Escherichia coli (E. coli) и цревни ентерококи.

Квалитетот на водата за капење во Европа значително се подобрил во последните децении поради драстичното намалување на органските загадувачи и патогените што се испуштаат во нетретирани или делумно третирани урбани отпадни води, се вели во извештајот на ЕЕА. Овие подобрувања се резултат на систематско следење и управување воведено според Директивата за отпадни води на ЕУ, како и значителни инвестиции во постројки за собирање и третман на урбани отпадни води.