Од гаража до милијарди: Како Мате Римац на 18 години со стар BMW ја почна револуцијата што го освои светот
Актуелно

Од гаража до милијарди: Како Мате Римац на 18 години со стар BMW ја почна револуцијата што го освои светот

5/4/2026

Денес, компанијата има повеќе од 2.500 вработени од над 50 земји

Приказната за Мате Римац не започнува на светските автомобилски саеми, ниту во канцеларија на некој технолошки гигант. Почнува во гаража... со стар BMW од 1984 година, многу сомнежи и една идеја што на многумина им звучела невозможно.

Роден во 1988 година во Ливно, Мате како тригодишно дете со семејството се преселува во Германија поради воените случувања во регионот. Десет години подоцна се враќаат во Хрватска, каде новата средина не му била лесна. Но додека другите го живееле типичниот тинејџерски живот, тој со часови експериментирал со електроника и автомобили во гаражата на своите родители.

Неговиот талент рано бил препознаен од професор, кој го охрабрил да се пријави на натпревар по електроника. Победите му донеле самодоверба, а веќе на 17 години имал и свои патенти.

Пресвртот што му го промени животот

Вистинската промена дошла кога на само 18 години купил стар BMW E30 од 1984 година, со желба да се натпреварува.

Но по само две трки, моторот експлодирал.

Додека многумина би се откажале, Мате направил нешто што тогаш звучело лудо — решил автомобилот да го претвори во електричен тркачки болид.

Во време кога електричните автомобили речиси и не постоеле, многумина му се потсмевале, нарекувајќи го автомобилот „машина за перење на тркачка патека“.

Сè додека не почнал да победува.

По седум големи модификации, неговиот BMW, познат како „Green Monster“, почнал да руши светски рекорди и да докажува дека електричните автомобили можат да бидат не само еколошки — туку и брутално брзи.

Компанија создадена без капитал, но со визија

Во 2009 година, на само 21 година, го основа Rimac Automobili.

Без инвеститори. Без искуство. Во земја без автомобилска индустрија.

Компанијата поминувала низ тешки периоди, дури во еден момент останале и без струја поради неплатени сметки.

Но наместо да се откаже, Римац продолжил.

Компанијата почнала да развива батериски системи и технологии за светски брендови како Aston Martin, Jaguar и Porsche.

Од гаража до Bugatti

Најголемиот момент во неговата кариера доаѓа во 2021 година, кога Volkswagen Group му го доверува легендарниот бренд Bugatti, создавајќи ја компанијата Bugatti Rimac.

Денес, компанијата има повеќе од 2.500 вработени од над 50 земји, а богатството на Римац се проценува на над 2 милијарди евра.

Но можеби најсилната негова порака е оваа:

„Шансите за успех цело време беа блиску до нула.“

И токму затоа неговата приказна денес инспирира милиони.