Авиобилетите поскапуваат од 30 до 90 евра – ќе стане ли летањето луксуз?
Актуелно

Авиобилетите поскапуваат од 30 до 90 евра – ќе стане ли летањето луксуз?

4/21/2026

Авиокомпаниите се потешко доаѓаат до керозин чија цена доживеа драматичен раст како директна последица од конфликтот на Блискиот Исток, особено војната во Иран.

Во изминатите недели, цената на авионското гориво речиси се удвои, достигнувајќи нивоа блиску до 200 долари за барел што е значително побрз раст во споредба со цените на бензинот и дизелот.

Но, не е проблем само ценовниот шок. Од авиокомпаниите посочуваат дека сега е криза на обезбедување на авионското гориво. Поради нарушените синџири на снабдување и задржаните резерви на нафта во регионот, земјите што зависат од увоз се соочуваат со недостиг. Референтната цена на суровата Брент нафра на почетокот на март накратко надмина 100 долари за барел, пред делумно да се стабилизира по најавите за преговори.

Според податоците на Цириум – аналитика за авиоиндустријата, речиси сите од дваесетте најголеми авиокомпании во светот веќе го намалуваат капацитетот. Глобалниот раст на авио-сообраќајот, кој првично беше проектиран на 4–6 проценти, сега може да се сведе на само 3 проценти. Во меѓувреме, некои азиски земји воведуваат рационализација на горивото, што дополнително ја продлабочува кризата.

Последиците од високата цена на керозинот и неговата недостапност, веќе се чувствуваат кај патниците. Според анализата на „Европската федерација за транспорт и животна средина“ (T&E), трошоците за гориво по патник на летови на долги релации од Европа се зголемени за околу 88 евра, додека на кратки и средни релации растот изнесува околу 29 евра.

Конкретните пресметки покажуваат дека лет од Париз до Њујорк поскапува за повеќе од 120 евра само по основ на гориво, додека европските линии, како Барселона–Берлин, бележат поскапување од околу 25 евра по патник.

Ваквите зголемувања авиокомпаниите веќе ги префрлаат на крајните цени на билетите додавајќи ги дополнителните трошоци за горивото и ги зголемуваат надоместоците за багаж. Такви најави веќе има од водечките европски авиокомпании, меѓу кои „Луфтханза“, „Рајан ер“ и „Ер Франс – КЛМ“, кои што отворено кажуваат дека немаат друг избор освен да ги префрлат растечките трошоци врз потрошувачите, особено ако блокадата на Ормутскиот теснец продолжи.Во овој контекст, и грчката авиокомпанија „Ејџиан ерлајнс“ најави зголемување на цените на билетите за 7 до 8 проценти. Од компанијата велат дека трошоците за гориво, кои и во нормални услови сочинуваат околу 22 проценти од вкупните расходи, сега се зголемени за повеќе од 100 проценти — од 800 на 1.700 долари по тон.

Сепак, поскапувањето нема да ги погоди патниците кои веќе имаат купено билети, ниту оние со претплатнички пакети. Истовремено, компанијата привремено суспендираше летови кон повеќе дестинации во регионот на Блискиот Исток, следејќи го трендот на другите европски превозници кои се обидуваат да ги намалат ризиците и трошоците.

Со оглед на тоа што околу 40% од авионското гориво во Европската унија доаѓа од увоз, а значителен дел минува низ критичниот Ормутскиот теснец, Европската Комисија најави итни мерки за стабилизација на пазарот. Планот предвидува пофлексибилни регулативи за аеродромските слотови, подобро управување со можни откажувања на летови и оптимизација на полнењето гориво уште на појдовните аеродроми. Целта е да се избегнат дополнителни ценовни шокови и да се обезбеди континуитет во снабдувањето. Европските власти исто така работат на диверзификација на изворите на гориво, со цел да се намали зависноста од нестабилните региони.

Извор: vecer.press