Во пресрет на неговото доаѓање, зборувавме отворено – за најголемите грешки на лидерите, зошто луѓето не го достигнуваат својот потенцијал и што денес навистина значи да се биде посакуван работодавач.
1.Првпат јавно настапувате пред публика во Македонија – што е она што мислите дека луѓето овде најмногу треба да го слушнат, а можеби никој не им го кажува?
Имав настапи и овде, но овој настан е најголемиот досега во Македонија на кој настапувам. Она што луѓето треба да го знаат (верувам дека многумина од нив тоа и го знаат) се неколку важни пораки:
- -Таму каде што се најголемите проблеми, таму често се и најголемите шанси и можности.
- -Просекот не води никаде.
- -Предноста ја остваруваме додека другите спијат.
- -Луѓето не се ресурс, туку целта на сè што го работиме, без разлика дали се клиенти, вработени или партнери.
- -Новите генерации ќе ја променат економијата затоа што поинаку купуваат и поинаку работат.
- -Стравот уништил повеќе бизнис идеи отколку што тоа некогаш ќе го направи неуспехот.
2.Според ваше мислење – што еден работодавач денес мора да поседува за да биде навистина посакуван?
Човештвото има свои циклуси и кога ќе отидеме во една крајност, сигурно ќе завршиме и на другата страна. Имавме период кога работодавачите беа доминантни и многумина функционираа по принципот „сакаш – не сакаш“, ако не ти одговара веднаш те заменуваме. Потоа дојде друг циклус: „Кажи што ти треба, само дојди да работиш.“ И таму имаше интересни крајности, особено во ИТ компаниите – чоколадца, овошје, пикадо, стони тенис, лејзибег… но тоа не ја зголеми мотивираноста. Сега е време да се вратиме во рамнотежа и да сфатиме дека сите ние сме всушност исти и дека не постои никој над и никој под. Дека е подеднакво важна секоја личност, без разлика дали е портир, кафе-куварка, продавач, менаџер или основач на фирма и дека се разликуваме само по нивото на одговорност што сме подготвени да го преземеме. Само способноста да прифатиме поголемо ниво на одговорност може да ни донесе и поголеми привилегии.
3.Ако би морале да издвоите една работа што секој работодавач во регионот мора итно да ја промени – што би било тоа?
Да го проучува и да го познава човекот како човечко суштество барем исто толку добро како и бизнисот. Да ги разбира подлабоко емоциите, вродениот темперамент, стравовите, комплексноста на човечките навики и реакциите на луѓето на промените. Сето ова значително би го зголемило нивото на разбирање и на себе и на другите, што би довело до подобра комуникација, подобар третман, подобро насочување и подобра организација на луѓето. Разбирањето не значи одобрување. Ако некој нешто не прави како што треба, нема одобрување, но тогаш разбираме зошто таа личност не функционира во тимот и знаеме како да постапиме. Еден од најголемите проблеми е лично сфаќање и реагирање од емоции на деловни повратни информации.
4.Вие веќе повеќе од 20 години работите со компании и лидери – каде најчесто грешат кога е во прашање односот кон вработените?
Кога некој ќе премине од извршување во управување, негов главен таргет се луѓето, а не бројките. Негова главна задача е луѓето да бидат оспособени и мотивирани да ги остварат бројките. Ако лидерот има фокус на бројките, тогаш луѓето се чувствуваат како ресурс за остварување на тие бројки. Треба да најдеме начин на лидерите да им даваме таргети во луѓе и да мериме колку секој лидер има оспособени и мотивирани луѓе во тимот. Бројките речиси секогаш се последица на овие две компоненти.
5.Дали мотивацијата во компанијата доаѓа од лидерот… или мора да постои во самите луѓе?
Речиси целата мотивација е самомотивација, односно доаѓа од нас самите. Најмногу зависи од степенот на познавање на себе, од степенот на самостојна работа на себе, од целта на нашата работа и подготвеноста да се менуваме и да се туркаме надвор од зоната на комфор. Лидерите најмногу влијаат на корпоративната култура која треба да обезбеди амбиент во кој луѓето можат да растат и да учат. Тој амбиент треба да создаде психолошка безбедност, луѓето секогаш да можат да кажат како се чувствуваат и што мислат без страв од одмазда. Најопасно е кога луѓето имаат проблем, а немаат со кого да го споделат или се плашат да го направат тоа. Тоа директно се одразува на учинокот.
6.Дали денешните вработени се попребирливи… или едноставно повеќе не прифаќаат помалку?
Најголем предизвик имаме со образованието, бидејќи децата ги учат кои се нивните права, но не ги учат паралелно дека правата подразбираат и одговорности. Сега младите генерации доаѓаат научени дека имаат права и дека со самото свое присуство вредат многу. Поради недостаток на работна сила, тоа често им поминува, а постарите работници се угледуваат на тоа и заземаат ист или сличен став. Сето тоа има смисла ако паралелно со правата постојат и одговорност и знаење. Тука стапува на сцена вистинското лидерство.
7.Што за вас денес значи да се биде лидер – и колку се промени таа дефиниција низ вашата кариера?
Три клучни карактеристики на лидерот се: интегритет, храброст и одговорност. Кој ги има овие три карактеристики, сам ја гради својата кариера – или како претприемач или во корпорација. Тој станува авторитет со личноста, а не со позицијата.
8.Дали лидерите денес сакаат силни луѓе околу себе… или пак бираат луѓе кои не ги загрозуваат?
Ако сакаат да го носат епитетот „лидери“ – одговорот е јасен. Ако им недостасува храброст, тогаш се плашат дека некој ќе ги надмине. Тука компаниите често грешат, бидејќи често не постои таргет лидерот да препознава и развива таленти и за тоа да биде награден и заштитен. Колку повеќе таленти препознаеш и ги насочиш да создаваат вредност во компанијата, толку повеќе си препознаен и промовиран како лидер-ментор. Без тоа, многу раководители кога ќе наидат на талент го доживуваат како лична закана и почнуваат да го гушат, па за жал често го добива конкуренцијата.
9.Вие сте работеле со повеќе од 50.000 луѓе – која е најчестата причина зошто луѓето не го остваруваат својот потенцијал?
Фактот што самите не се туркаат надвор од зоната на комфор. Се држат до познатото и бараат виновници во другите за своите неуспеси и стагнација.
10.Дали е поголем проблем недостаток на мотивација… или недостаток на дисциплина?
Мотивацијата ѝ претходи на дисциплината, а дисциплината ја засилува мотивацијата. Совршен маѓепсан круг на успехот.
11.Во текот на вашата кариера – што ве изненадило повеќе кај луѓето: нивната сила или нивната слабост?
Ме изненадува фактот колку малку луѓето се познаваат себеси. Колку се занимаваат со сè и сешто, освен со себе. Колку се оковани со стравови, а да не се ни свесни за тоа. Колку се реактивни, а многу малку проактивни. Колку имаат мислења за сè, а релативно малку знаење.
Од друга страна, колкав огромен потенцијал лежи во секој човек, кој само тој самиот може да го активира ако знае и сака. Тој парадокс ме изненадува, повторно и повторно.
12.Ако би морале да издвоите една особина без која нема вистински лидер – која би била тоа?
Дефинитивно – ОДГОВОРНОСТ. Во неа се и интегритетот и храброста.
Без одговорност, сè друго е само форма. Одговорност значи: да не бараш виновници, да не чекаш идеални услови, да не бегаш кога ќе стане тешко.
Одговорноста е подготвеност и способност да одговориш на животните предизвици.
Лидер не е оној што има титула. Лидер е оној што презема одговорност и за успехот и за неуспехот. Без ОДГОВОРНОСТ нема лидер
