Хрватската влада на седницата одржана на 29 октомври донесе одлука за зголемување на минималната плата за 7,6 проценти. Со тоа, сегашниот минимален бруто-износ од 1.050 евра ќе се зголеми на 1.130 евра од почетокот на следната година.
Колку ќе изнесува нето-платата?
Иако новата минимална плата ќе достигне 1.130 евра, тоа не е сумата што работниците ќе ја добиваат на своите банкарски сметки, бидејќи станува збор за бруто-износ.
Според ориентативните пресметки, вработен во Загреб кој нема деца и користи основно лично даночно олеснување би добивал приближно 844 евра нето месечно.
Тоа би значело околу 45 евра повеќе во споредба со досегашната нето-плата, под услов даночните правила да останат непроменети.
Конечниот нето-износ ќе зависи од местото на живеење, даночните стапки и индивидуалните олеснувања.
Повисока ќе биде и студентската саатница
Зголемувањето на минималната плата ќе донесе промена и кај минималниот надоместок за студентска работа.
Од јануари, минималната студентска саатница ќе се зголеми од сегашните 6,56 на 7,06 евра за час.
Пред донесувањето на одлуката биле одржани консултации со синдикатите и работодавачите. Синдикалните организации барале минималната бруто-плата да достигне 1.250 евра, додека работодавачите предложиле износ од 1.086,75 евра.
Финансиска поддршка за работодавачите
Хрватската влада најави и продолжување на мерките за поддршка на компаниите што исплаќаат минимална плата.
Во првите три месеци од 2027 година, државата ќе ја покрива разликата меѓу стариот и новиот бруто-износ за работодавачите кои ќе поднесат барање за оваа мерка.
Целта е да се олесни приспособувањето кон повисоките трошоци за плати, додека работниците со најниски примања ќе добијат зголемен месечен надоместок.
