Лажниот мед и климатските промени најголеми закани за македонското пчеларство
Актуелно

Лажниот мед и климатските промени најголеми закани за македонското пчеларство

17. 05. 2025.

Тие не зборуваат, не се жалат, немаат шефови, синдикати или слободни денови. И сепак, секој ден – совршен ред. Секоја пчела знае што ѝ е задача, некои ја чуваат кошницата, други собираат нектар, трети ја ладат внатрешноста со треперење на крилцата. Тоа е свет каде трудот е природен, а хаосот – невозможен.

„Пчелите имаат огромна, можеби и гласовна улога во биодиверзитетот. Тие се главните опрашувачи, и без нив, природата би била тивка пустелија“, вели Митко Севриевски, млад пчелар кој уште од 2020 година го гради својот свет околу кошниците. „За жал, дивите пчели ги снемува. Човековото влијание и климатските промени го прават своето.“

Една пчела лета и до 5 километри за да најде цвет. Но кога цветот доцни, или врне ненадејно, пчелата се враќа со празни „раце“. Климатските промени влијаат директно врз ритамот на цветањето и приносот. Според Обединетите нации, 75% од земјоделските култури зависат од пчелите. Без нив – ни мед, ни јаболка, ни домати.

„Научив две работи од пчелите“, вели Митко. „Прво – без дисциплина нема напредок. Второ – животот не е само стрес. Пчелите се мирни, и нè учат да уживаме.“

Кога пчелата боцнува

Пчелите се мирни – сè додека не се почувствуваат загрозени. Во секоја кошница постојат чувари, чија задача е да реагираат на најмала закана.

„Кога ќе го отвориш сандакот, се активира алармот. Тогаш може да бидат поагресивни“, објаснува Митко. И токму тие поагресивни заедници – носат повеќе мед. Не затоа што се повредни, туку затоа што го штитат својот труд од грабежи – оси, туѓи пчели, или луѓе.

Во разговорот за Рацин.мк, Митко вели дека секој мед има свој потпис.

-Неговата боја, густина и вкус зависат од местото и сезоната. „Имам два пчеларници во органска средина, далеку од луѓе и фабрики. Таму има чаеви, дива дракја, багрем… тој биодиверзитет го прави медот уникатен“, вели пчеларот. Медот може да биде ливадски, планински, багремов, па дури и боров, додава тој.

Целиот текст прочитајте го на: racin.mk