ИЈЗ препорачува пред да излезете надвор проверете каков е воздухот
Актуелно

ИЈЗ препорачува пред да излезете надвор проверете каков е воздухот

19. 12. 2025.

Оттаму препорачуваат и да се остане дома или да се намали физичкиот напор, посебно на отворено и ако граѓаните почувствуваат симптоми како што се кашлица или болки во грлото

Пред да излезете надвор, проверете каков е квалитетот на воздухот на веб-страницата на Министерството за животна средина и просторно планирање, препорачуваат во Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

„Пред да излезете надвор, задолжително проверувајте го индексот на квалитет на воздухот. Останете дома ако не треба да излегувате. Избегнувајте престој и активности на отворено (спорт, рекреација). Ова се однесува не само на чувствителните групи, туку и на децата и младите кои што повеќе време поминуваат надвор на отворено, и особено на лицата кои професионално се ангажирани и работат на отворено. Носете заштитна маска со докажана ефикасност на отворено“, се вели во препораките на одговорните во Институтот.

Оттаму препорачуваат и да се остане дома или да се намали физичкиот напор, посебно на отворено и ако граѓаните почувствуваат симптоми како што се кашлица или болки во грлото.

„Не ги отворајте прозорците во вашиот дом кога е загаден воздухот. Користете прочистувач на воздух дома или на работно место (за особено чувствителните лица со астма, хронични заболувања – респираторни или циркулаторни заболувања и мали деца и бремени жени). Возрасните и децата со проблеми со белите дробови, возрасните со срцеви проблеми и постарите луѓе треба да избегнуваат напорна физичка активност. Бремените жени треба да останат дома. Луѓето со астма може да имаат потреба за почеста употреба на инхалатор. Ако треба да излезете, носете маски со докажана ефикасност“, наведено е во препораките.

Извор: meta.mk