Македонија меѓу најзагадените држави во Европа, Скопје и натаму меѓу најризичните градови за живеење
Актуелно

Македонија меѓу најзагадените држави во Европа, Скопје и натаму меѓу најризичните градови за живеење

08. 05. 2026.

АЕРОЗАГАДУВАЊЕТО ВО НАЈНОВИОТ ИЗВЕШТАЈ НА ЕВРОПСКАТА АГЕНЦИЈА ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА

Македонија повторно се најде меѓу државите со најнизок квалитет на воздухот на континентот, особено според концентрациите на ПМ 2,5- честичките во најновиот извештај на Европската агенција за животна средина (ЕЕА). Според анализите, нашата земја е и меѓу државите со највисока стапка на смртни случаи поврзани со аерозагадувањето во Европа.

Иако во извештајот нема посебно поглавје посветено само на Македонија, податоците и мапите ја вклучуваат земјата во регионалната анализа за Европа и за Западен Балкан. Од извештајот може да се заклучи дека Македонија и натаму бележи чести надминување на дозволените концентрации на ПM 10 и ПM 2,5- честичките, особено во зимските месеци, кога загадувањето во Скопје и во другите урбани центри достигнува екстремно високи вредности.

– Голем дел од населението е изложено на концентрации што ги надминуваат препораките на Светската здравствена организација (СЗО), особено кога станува збор за ПM 2,5-честичките, кои се сметаат за едни од најопасните за човековото здравје – се нотира во извештајот на ЕЕА.

Во анализата се наведува дека главни извори на загадување во регионот на Западен Балкан се греењето на домаќинствата со дрва и со нискоквалитетни горива, стариот возен парк, индустриските капацитети, термоцентралите на јаглен, како и географските фактори што го задржуваат загадениот воздух во котлините.

За Скопје, извештајот повторно алармира дека градот останува една од најзагадените урбани средини во Европа во текот на зимата. Температурната инверзија и котлинската положба дополнително придонесуваат за задржување на смогот, додека ПM 10 и ПM 2,5- честичките остануваат главниот проблем со загадувањето.

По објавувањето на извештајот, реагираа од „Зелен хуман град“, од каде што велат дека и покрај алармантните податоци за загадувањето и илјадниците смртни случаи поврзани со лошиот квалитет на воздухот, институциите не преземаат сериозни мерки за справување со проблемот.

– Покрај здравствените и животозагрозувачките последици за безброј македонски граѓани, од кои најпогодени се децата, централните и локалните власти немаат намера да воведат какви било мерки за спречување на аерозагадувањето – велат од движењето.

Оттаму обвинуваат дека континуирано се носат закони во Собранието, кои, како што велат, дополнително ја туркаат Македонија „во трката до дното“ за привлекување странски капитал по цена на животната средина и здравјето на граѓаните. Како примери ги посочуваат измените на Законот за контрола на индустриските емисии, со кои, според нив, загадувањето станало „деловна тајна“, како и измените на Законот за минерални суровини и на Законот за концесии и јавно-приватно партнерство, со кои се овозможува експлоатација на земјиште без целосна анализа на последиците врз животната средина и здравјето на луѓето.

Од „Зелен хуман град“ велат дека, како политички субјект, со години поднесувале стотици предлог-мерки до локалните и до централните власти за намалување на загадувањето, но, според нив, институциите досега не спровеле ниту една.

Инаку, загадувањето на воздухот останува најголем еколошки ризик за здравјето и за Европејците, иако, како што се посочува во извештајот, во последните две децении има постепено подобрување на квалитетот на воздухот. Извештајот анализира податоци од 39 европски држави и ги споредува концентрациите на загадувачите со сегашните и со идните стандарди на Европската Унија, како и со построгите препораки на СЗО. Притоа, се посочуваат четири клучни наоди, кои покажуваат дека и во европските земји не цветаат рози кога станува збор за аерозагадувањето.

Имено, до 20 % од мерните станици во Европа и понатаму бележат загадување над дозволените стандарди на ЕУ; повеќе од 90 % од Европејците се изложени на загадување над препораките на СЗО, при што најпроблематични загадувачи остануваат ПM 10, ПM 2,5, приземниот озон и бензо(а)пиренот. Исто така, над 30 % од мерните станици во 2024 година регистрирале концентрации на суспендирани честички над новите стандарди што ќе важат од 2030 година.

ЕЕА предупредува дека и покрај напредокот, загадувањето и понатаму предизвикува сериозни здравствени и економски последици. Според студија базирана на податоци на агенцијата, аерозагадувањето ги чини земјите членки на ЕУ околу 600 милијарди евра годишно, што е околу 4 % од вкупниот БДП на Унијата.

Новата европска директива за квалитетот на воздухот, која стапи во сила во декември 2024 година, воведува построги стандарди што треба да се исполнат до 2030 година и се значително поблиски до препораките на Светската здравствена организација.

Извор: vecer.press