Би оставиле ли канцелариска работа во Македонија за да возите вилушкар во Словенија?
Актуелно

Би оставиле ли канцелариска работа во Македонија за да возите вилушкар во Словенија?

10. 10. 2025.

Сѐ почнува со едно „ај ќе одам малку, да видам како е“. Па ќе поминат два, три месеци. И потоа, човекот што вчера пиеше кафе во канцеларија во Скопје и пополнуваше табели, денес седи во Словенија, на вилушкар меѓу палети, со слушалки во уши и со поглед кој кажува — „ова е подобро од нервоза во канцеларија“.

Звучи едноставно, ама не е. Ни за тие што си заминуваат, ни за тие што остануваат.

„Имав сигурна работа, плата 35.000 денари, топол оброк, сè на време. Ама секој ден со истите лица, истата влага во воздухот и истите зборови – ‘ќе видиме’, ‘чекаме одобрување’… ми се здосади. Отидов за Словенија, добив понуда за вилушкарист. Сега сум на 1.400 евра плата, живеам со тројца Македонци, не е лесно, ама барем знам дека трудот ми вреди“, раскажува Александар, 32 години, од Куманово.

Приказни како неговата веќе не се бројат. Компаниите за посредување со работа во странство имаат полни раце работа, а најголемиот дел од пријавените се луѓе со средно образование, техничари, дури и административни работници.

Тие што до вчера внесувале податоци во систем, денес складираат палети, возат вилушкари и работат во магацини.

Од една агенција за вработување во странство објаснуваат дека побарувачката за вилушкаристи, складишни работници и оператори е огромна, особено во Словенија и во Хрватска, а Македонците важат за дисциплинирани и сигурни.

„Луѓето најчесто доаѓаат со дилема – дали да ја остават канцеларијата за физичка работа. Но кога ќе им ги покажеме платните листи, повеќето не размислуваат многу“, вели посредник од една скопска агенција.

Сепак, не е сè толку едноставно. Смените се долги, животот таму е скап, кириите растат, а не секој се снаоѓа лесно.

„После два месеци сакав да се вратам. Ми фалеше семејството, кафето со другарите, нашиот воздух, дури и метежот во автобус. Но кога ќе помислам дека дома пак ќе земам 600 евра со прекувремени, а овде 1.400 – останав“, вели друг соговорник, Тони од Прилеп, кој веќе пет месеци работи во фабрика во Нова Горица.

Психолозите велат дека не е само финансиска одлука. Тоа е и вид на бегство – од притисокот, од мали канцеларии, од чувство дека ништо не се менува.

„Многумина мислат дека во странство ќе најдат мир. Но често таму само ќе се соочат со себе – со тоа колку можат и колку вредат надвор од системот што го знаеле“, вели психолог од Скопје кој работи со млади.

Во Македонија, пак, сè повеќе фирми се жалат дека нема административен кадар, ниту луѓе што сакаат да работат во канцеларија.

„Имаме оглас за администратор, шест месеци стои отворен. Луѓето заминуваат. Или веќе не сакаат да седат пред компјутер за 35.000 денари“, вели менаџер на приватна фирма во индустриската зона Бунарџик.

Парадоксот е очигледен – земја што школува луѓе за канцеларии, губи кадар кој вози вилушкар во странство. Но за многумина, тоа не е понижување, туку практичен избор.

Како што рече еден соговорник: „Не е срамота да возиш вилушкар. Срамота е да молчиш додека животот ти стои во место“.
Некои ќе се вратат, други нема. Но сите ќе кажат дека одлуката не се носи лесно. Се избира меѓу стабилност без надеж и неизвесност со поголема плата.

А таму, некаде меѓу палетите во Словенија и кафематот во некоја скопска канцеларија, лежи вистинската слика на тоа што денес значи да си млад и да бараш пристоен живот.