Граѓаните патуваат со автобус во соседството на шопинг или кај роднини и пријатели, а во развиените европски земји одат поради работа. Туристичките агенции организираат шопинг тури во Солун, Врање, Ниш, Белград, Софија, Приштина, Гњилане и други градови. Шопингот во Солун е популарен со години, а сега луѓето патуваат и на други места во регионот на еден ден.
„Во зимски период луѓето одат на шопинг во Солун. За викенди се организираат турите. Има интерес за Грција, има и за Албанија и Косово. Се оди во Корча и во Тирана во Албанија, а во Косово ги посетуваат Приштина, Урошевац, Призрен, поединечно за секоја од овие дестинации има тури“, велат од туристичката агенција Бран од Прилеп.
„Луѓето до Германија патуваат со автобус и со комбиња. Веројатно им е поудобно со автобус. Побавно е, се патува долго, но е поудобно. Линијата опфаќаше повеќе градови во Македонија, собиравме патници во источниот дел, а во Германија одевме до 11 градови. Патниците ги остававме на автобуска станица во Германија, оние што патуваа со комбиња ги носеа и до домашна адреса. Ако е сезона, кога има гужви на граница се патува и по 30 часа до Дортмунд, па и повеќе, зависи од фреквенцијата на границите. Ова се однесува за летно време, кога има туризам. Во зимско време, се патува по 20 часа“, вели возач на автобус кој возел тури до Германија.
Предност како што наведува е тоа што лицата тргнуваат од својот роден град и стигнуваат до саканата дестинација.
