Во 2024 година, според податоците на ДЗС, во југозападниот регион се доселиле 521 странец, во југоисточниот се доселиле 220 странци, во пелагонискиот 281, во источниот 1.027, во вардарскиот 120, во полошкиот 1.564 странци, во североисточниот 290, a во скопскиот регион дошле 2.923 странци. Меѓу доселените доминираат турските државјани. Лани 3.750 турски граѓани се доселиле во Македонија.
„За бизнис многу ретко доаѓаат турските државјани, повеќето доаѓаат за школување во Штип. Некои си имаат роднини и пријатели тука. Во Делчево деновиве имав 18 пријатели од Измир, на гости кај мене. Во Пехчево еден човек од Турција се пресели, во пензија е, си направи куќа. По основ на брак многу слабо доаѓаат турските државјани да живеат тука од она што јас го знам. Знам за една двојка што склучи брак, ама си живеат во Турција“, вели Ѓорѓи Џабирски, од Здружението на граѓани македонско – турско пријателство и соработка Делчево.

Од соседна Албанија во Македонија лани се доселиле 229 луѓе, од Босна и Херцеговина(БиХ) 55, од Словенија 23, од Србија 242, од Црна Гора 32, од Хрватска 42, од Косово 463, од Бугарија 62, од Грција 38, од Турција се доселиле 3.750 луѓе, и од други земји се доселиле 2.010 луѓе.
„Косовските државјани доаѓаат тука најчесто за школување, а за работа поретко. И по основ на брак има луѓе кои се доселуваат од Косово. Зависи како ќе се договорат, некои заедничкиот живот го продолжуваат овде, некои на Косово“, објаснува тетовец.
Но, ако споредиме со 2023 година, бројот на доселени странци бил доста помал, односно изнесувал 2.654, во 2022 година дошле 3.384 странци, во 2021 година 2.629, во 2020 година се доселиле 1.643 странци, во 2019 година бројот на доселени странци изнесувал 2.811. Понатаму, 2.557 странци се доселиле во Македонија во 2018 година, а во 2017 година се доселиле 2.322 странци.
