КроШу Олимпијада 2026: Спорт, заедништво и семејни вредности во организација на Кромберг и Шуберт Македонија
Успешни бизнис приказни

КроШу Олимпијада 2026: Спорт, заедништво и семејни вредности во организација на Кромберг и Шуберт Македонија

19. 06. 2026.

Изминатиот викенд Битола беше центар на спортот, рекреацијата и семејните вредности, а значаен придонес во создавањето на оваа позитивна атмосфера даде Кромберг и Шуберт Македонија БТ ДООЕЛ. Преку своето активно учество и организација на настани кои ги обединуваат вработените, нивните семејства и локалната заедница, компанијата уште еднаш потврди дека вложувањето во луѓето претставува една од нејзините најважни вредности.

На 13 јуни, градот беше во знакот на најмладите, а компанијата беше дел од успешно реализираниот настан „Мини Трчај Бе“ vol. 4. Настанот донесе насмевки, радост и детска енергија, потврдувајќи дека поддршката на младите генерации и промовирањето на здравите животни навики се вредности кои заслужуваат континуирано внимание и поддршка.

Следниот ден се одржа долгоочекуваното враќање на „КроШу Олимпијада“  спортско-рекреативен настан кој, по неколкугодишна пауза, повторно ги обедини вработените, нивните семејства и пријателите во дворот на Основното училиште „Елпида Караманди“ во Битола. Настанот беше вистински пример за одлична организација, позитивна енергија и силен тимски дух.

Свеченото отворање беше одбележано со симболичното палење на олимпискиот пламен од страна на комерцијалниот директор Георги Тренкоски и техничкиот директор Влатко Цековски, кои упатија порака за фер игра, меѓусебна почит, тимска работа и заедништво.

Во спортските натпревари учествуваа 16 екипи составени од вработени од различни оддели, кои ги одмерија своите вештини во шест дисциплини: мал фудбал, баскет, пинг-понг, пикадо, шах и бељот. Во текот на целиот ден преовладуваа спортскиот дух, меѓусебната поддршка и желбата за дружење, додека резултатите беа во втор план во однос на атмосферата и позитивната енергија што ја создадоа учесниците.

Првото место го освои тимот IE, второто место му припадна на FC Kroschu, додека третото место го освои тимот MK43A. На најуспешните екипи им беа доделени парични награди како признание за нивниот труд, посветеност и постигнатите спортски резултати.

Особено внимание привлече Дарко Попчевски од победничкиот тим IE, истакнат шахист што е еден од основачите и победник на бројни турнири организирани од битолскиот клуб Шах - Шех, како и ученик на покојниот шахист - велемајстор Борче Илиевски. Неговото присуство и подготвеноста да ги сподели своите знаења и искуства со колегите дадоа дополнителна вредност на настанот и уште еднаш ја потврдија важноста на спортот како средство за поврзување и личен развој.

Според проценките, настанот го посетија околу 1000 вработени и членови на нивните семејства. Присуството на повеќе генерации создаде посебна атмосфера во која најмладите навиваа за своите родители, додека повозрасните уживаа во дружењето, спортските активности и заеднички поминатото време. Транспарентите и навивачките пораки, меѓу кои и емотивната порака „Напред тато!“, дополнително ја доловија семејната димензија на настанот.

Музичката програма, забавните содржини за посетителите, богатата понуда на храна и освежување, како и беспрекорната организација на натпреварите придонесоа целиот ден да помине во одлична атмосфера и да остави силен впечаток кај сите присутни.

КроШу Олимпијадата уште еднаш потврди дека успешните компании не се препознаваат само по деловните резултати, туку и по начинот на кој се грижат за своите вработени. Континуираното инвестирање во спортски, рекреативни и семејни активности создава силно чувство на припадност, ја зајакнува организациската култура и придонесува за подобар квалитет на живот на вработените.

Токму ваквите иницијативи се една од причините поради кои Кромберг и Шуберт Македонија две години по ред е препознаена од граѓаните како најпосакуван работодавач во категоријата фабрики. Ова признание не е резултат само на успешното работење, туку и на долгогодишната посветеност кон луѓето, создавањето позитивна работна средина и градењето заедница во која вработените и нивните семејства се чувствуваат ценети, почитувани и поддржани.

Настанот испрати јасна порака дека спортот, дружењето и грижата за луѓето остануваат важен дел од корпоративната култура на компанијата. Успешната реализација на годинашната КроШу Олимпијада претставува силна мотивација оваа традиција да продолжи да се развива и во иднина, создавајќи нови можности за поврзување, дружење и заеднички успеси.