Историското достигнување е остварено во рамки на експедицијата „Врело 2026“, која се одржувала од 10 до 17 октомври, со учество на 15 нуркачи од Македонија, Полска и Италија.
Според информациите од Спелеонуркачкиот клуб „Врело“, експедицијата резултирала со три светски рекорди: најдлабоко истражена пештера од човек, најдлабоко нуркање во пештера и најдлабоко длабинско нуркање на отворени води.
Со достигнатата длабочина од 338 метри, Врело ги надмина пештерите Фонт Естрамар во Франција и Елефанте Бјанко во Италија, кои досега се наоѓаа пред неа на светската листа.
Откриени два нови подводни канали
Покрај рекордната длабочина, експедицијата донела и значајни нови откритија во пештерскиот систем.
Нуркачите истражиле два претходно непознати канали, со вкупна должина од повеќе од 150 метри, со што дополнително е проширена постојната мапа на пештерата.
Првиот канал е откриен на околу 300 метри од влезот, на длабочина од 33 метри. Неговата должина изнесува приближно 100 метри.
Вториот канал се наоѓа на длабочина од 170 метри и е поврзан со главниот длабински канал на пештерата.
Овие откритија отвораат нови можности за понатамошно истражување на подводниот систем на Врело.
Рекордното нуркање траело девет часа
Главниот подвиг го извел полскиот спелеонуркач Бартломиеј Питала, кој ја достигнал рекордната длабочина од 338 метри.
Целата нуркачка операција траела девет часа и била реализирана според внимателно подготвен план, со обемни безбедносни мерки.
Во поддршката учествувале 12 безбедносни нуркачи, распоредени на различни длабочини долж подводната маршрута.
На површината функционирал посебен координациски тим, задолжен за медицинска и спасувачка поддршка.
За евентуални итни ситуации биле обезбедени хипербарична комора со специјализиран персонал, хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи, нуркачките тимови на САЕ „Тигар“, брзи чамци и екипа на Итната медицинска помош.
Македонските нуркачи поставиле и подводна воздушна комора
Еден од значајните технички успеси на експедицијата е изработката и поставувањето специјална подводна воздушна комора, позната како хабитат.
Комората била поставена на длабочина од осум до девет метри, на оддалеченост од околу 130 метри од влезот на пештерата.
Нејзината намена била да им овозможи на нуркачите престој за време на долгите декомпресиски процедури, кои се неопходни при нуркање на екстремни длабочини.
За реализација на експедицијата биле распоредени и повеќе од 30 боци со различни гасни смеси, поставени на повеќе локации и длабочини во пештерата.
Дополнително, биле обезбедени резервни батерии за системите за греење и осветлување, со цел да се зголеми безбедноста на нуркачите за време на повеќечасовната операција.
Од третото до првото место во светот
Пред експедицијата „Врело 2026“, најголемата истражена длабочина на пештерата изнесувала 287 метри, со што таа се наоѓала на третото место на светската листа.
Со новото достигнување од 338 метри, истражената длабочина е зголемена за 51 метар, а Врело се искачи на првата позиција.
Овој резултат претставува значајно достигнување за меѓународниот тим, но и за македонската спелеонуркачка заедница, која учествувала во организацијата, техничката подготовка и реализацијата на експедицијата.
Со трите светски рекорди и откривањето нови подводни канали, пештерата Врело дополнително го зацврстува значењето на кањонот Матка како еден од најинтересните локалитети за подводни спелеолошки истражувања.
