Од мајстори до ИТ-кадри – листата на дефицитарни професии расте
Актуелно

Од мајстори до ИТ-кадри – листата на дефицитарни професии расте

22. 01. 2026.

Огласите на Агенцијата за вработување со месеци изгледаат речиси исто: градежни работници, хигиеничарки, плочкари, заварувачи, камионџии…

Потоа следуваат општи работници, продавачи, келнери, шанкери, готвачи. Списокот е долг и не се скратува. Напротив.

„Имаме ситуација во која побарувачката е постојана, а одѕивот слаб. Луѓето или не се јавуваат, или доаѓаат, прашуваат за услови и повеќе не се појавуваат“, вели познавач на пазарот на трудот, кој со години ги следи движењата во приватниот сектор.

Според него, проблемот одамна не е само во бројките, туку во јазот меѓу тоа што се нуди и тоа што работниците го сметаат за прифатливо.

Најизразен недостиг има кај занаетчиските и техничките профили. Електричари, машински оператори, столари, мајстори од различни области – професии кои пред една деценија важеа за „сигурен леб“, денес стануваат дефицитарни.

Дел од кадарот е веќе надвор од државата, дел заминал во пензија, а младите… младите ретко се одлучуваат за тие насоки. Барем не овде.

„Образовниот систем со години испорачува профили за кои нема доволно работни места, а запоставени се струките што реално ја движат економијата“, вели еден експерт за човечки ресурси.

Според него, не станува збор за тоа дека младите не сакаат да работат, туку дека не гледаат перспектива во услови со ниски плати, несигурни договори и работно време кое често излегува од рамките на нормалното.

Од друга страна, побарувачката за висококвалификуван кадар не запира. ИТ и инженерските профили, наставници, професори и негуватели се редовно меѓу најбараните.

Лекарите и медицинскиот персонал остануваат на врвот на листата, особено во помалите градови и руралните средини, каде што здравствениот кадар се сведува на минимум.

„Системот функционира на ентузијазам и жртва. Тоа не може бесконечно“, предупредува здравствен аналитичар.

Контрастот е очигледен: фирмите бараат, државата охрабрува, а работната сила… се двоуми или си заминува. Дел од бизнис-заедницата отворено зборува за потребата од увоз на работници, особено во градежништвото, транспортот и угостителството. Но, и тука има резерви.

„Увозот е краткорочно решение. Ако не се подобрат условите за сите, проблемот само ќе се одложи“, велат економски аналитичари.
Во меѓувреме, огласите се обновуваат, бројките се ротираат, а приказната останува иста. Работни места има, но не и луѓе. Или барем не под условите што моментално се нудат.