Генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, оцени дека станува збор за рекорден двоцифрен раст, со кој македонските аеродроми се рангираат меѓу најбрзо растечките во Европа и светот.
„Ова не е случајност, туку директен резултат на нашата силна посветеност и континуирани напори, заедно со Владата, за проширување на мрежата на авиолинии“, изјави Курт.
Тој најави дека годинава ќе бидат отворени вкупно 12 нови дестинации. Досега веќе се воведени линиите до Будимпешта и Неапол од Скопје, како и до Братислава, Милано и Штутгарт од Охрид.
Во текот на летната сезона од скопскиот аеродром 15 авиокомпании летаат до 54 редовни и сезонски дестинации, додека уште седум авиокомпании опслужуваат 24 чартер-дестинации, односно вкупно 78 дестинации.
Во наредниот период се најавени нови летови од Скопје до Трабзон, Самсун, Палермо и Алгеро.
Од охридскиот аеродром осум авиокомпании опслужуваат 17 дестинации, а во јуни ќе бидат отворени линиите до Вроцлав и Катовице. Од 21 јуни, Austrian Airlines ќе почне да лета и на релацијата Охрид–Виена.
Од ТАВ Македонија велат дека, и покрај глобалните геополитички и енергетски предизвици, очекуваат растот на бројот на патници да продолжи и во остатокот од годината.
Извор:skopje1.mk
