Денес 15 август, почнува мерката „училишна кошничка“ – месец дена намалени цени за речиси целиот училишен прибор во продавниците низ Македонија. Намалувањето ќе биде најмалку 10% во големопродажба и 15% во малопродажба, а ќе важи до 15 септември – токму во периодот кога родителите најмногу трошат за подготовка на своите деца за новата учебна година.
Трговците ќе мора јасно да ја прикажат старата цена (онаа што важела на 1 јуни) и новата, намалена цена. На секој производ ќе има ознака со логото „Помалку трошоци – повеќе за тебе“. Непочитувањето на мерката носи казни од 800 до 10.000 евра, зависно од големината на продажното место. Контролата ќе ја врши Државниот пазарен инспекторат.
Колку ќе се заштеди?
Според проценките, едно семејство со едно дете ќе заштеди од 1.000 до 2.000 денари, а семејство со двајца ученици – од 3.000 до 4.000 денари. Лани, со слична мерка, заштедата изнесуваше помеѓу 750 и 2.000 денари.
? Што ќе биде поевтино?
Мерката ги опфаќа: ранци и ташни, тетратки, блокови, колажи, моливи и пенкала, дрвени и мрсни боици, пластелин, теста за моделирање, подлоги, фломастери, маркери, темперни, акрилни и водени бои, четки, линијари, дидактички материјали, острилки, гуми за бришење, детски ножици, лепила, шестари, дигитрони, папки и уште многу други артикли.
Со оваа мерка, надлежните очекуваат полесен почеток на учебната година за родителите и помал удар врз семејниот буџет.
