Само што… во трговијата случајност речиси и да не постои.
Во последните години маркетингот се претвори во нешто многу повеќе од обично рекламирање. Во игра влегоа психологија, визуелни сигнали, дури и мали трикови кои човек ги забележува – ама всушност и не ги забележува. Боите се еден од најсилните.
Не е случајно што попустите скоро секогаш се означени со црвена боја. Таа веднаш го привлекува погледот.
Малку го забрзува и пулсот, велат аналитичари кои го следат однесувањето на потрошувачите.
Црвената создава чувство дека нешто се случува токму сега. Дека треба да се реагира веднаш. Да не се пропушти.
И луѓето реагираат. Дури и кога не планирале да купат ништо.
Жолтата е друга приказна. Таа е гласна боја. Светка. Се гледа оддалеку. Во излозите и на полиците служи како мала визуелна сирена – погледни тука, токму тука.
„Жолтата брзо го фаќа вниманието и го насочува погледот“, објаснуваат познавачи на маркетинг стратегиите.
Потоа доаѓа сината. Мирна, ладна, сериозна. Не случајно ја користат банки, технолошки компании и брендови кои сакаат да изгледаат сигурно.
Сината не вика, не турка. Таа создава чувство на доверба.
„Кога потрошувачот гледа сина амбалажа, несвесно ја поврзува со стабилност и квалитет“, велат експерти за потрошувачка психологија.
Зелената, пак… таа е омилена кај производите што сакаат да изгледаат природно. Здраво. Чисто. Дури и кога реалноста не е баш толку зелена колку што изгледа на етикетата. Но бојата ја прави својата работа.
И тука приказната не завршува.
Некои трговци внимателно ги бираат боите и во самиот простор. Во супермаркетите, на пример, делот со овошје и зеленчук често е осветлен со потопли тонови. Сè изгледа посвежо. Поапетитно. Кај слатките – посилни бои, повеќе контраст, малку визуелен хаос кој го привлекува вниманието.
„Мозокот реагира на боја побрзо отколку на текст или информација“, велат аналитичарте.
Одлуката понекогаш се носи за неколку секунди. Или помалку.
Темните бои често се користат за производи што сакаат да изгледаат поскапо. Белата создава чувство на чистота. Портокаловата внесува енергија, малку радост… некаков импулс.
Сето тоа изгледа ситно. Незначајно.
Но кога човек ќе застане пред полицата и ќе избере нешто што претходно воопшто не планирал да го купи… тогаш станува јасно дека боите не се само декорација.
Тие тивко работат во позадина. Без да ги забележиме.
И можеби токму затоа функционираат толку добро.
