Дури и пред да наполнат 60 години, многу наши сограѓани се чувствуваат физички истрошени и едвај чекаат да влезат во пензија. Статистички, македонските граѓани имаат за неколку години пократок животен век од Европејците.
„Дали некој може да работи на тие години или не е индивидуално. Тоа зависи од начинот на живот, но сепак не можат пензионери и млади лица на 22 години да работат исто. Во 80 до 90 отсто болестите кај нас се психосоматски. Да не звучам песимистички, но здрави луѓе во поодминати години скоро и да нема. Некој страда од физички, а некој од психички болести. Некој пак работи поради материјален интерес во поодминати години. На прво место стресот е тој кој го уништува здравјето, а потоа следат пороците, начинот на исхрана, начинот на живот“, вели Миле Давитковски, лекар кој на 66 години е во работен процес.

За дел од Американците, пензионирањето повеќе не почнува на 65 години. Мапа покажува каде луѓето на возраст од 65 години и постари сè уште работат низ американските држави, врз основа на податоците од 2024 година од Бирото за попис на САД преку FinanceBuzz.
Околу 22 отсто од Американците на возраст од 65 години и повеќе остануваат во работен процес, но уделот се искачува на речиси една третина во некои држави.
Нова Англија, Вермонт и Њу Хемпшир (со 28,6 отсто), се лидери по бројот на постари лица кои сè уште работат, по што следува Јужна Дакота со 27,6 отсто.
Повисоките трошоци за живот и подолгиот животен век веројатно придонесуваат повеќе Американци над 65 години да останат на работното место, пишува VisualCapitalist.
Сепак, повеќето луѓе не работат со полно работно време. Всушност, меѓу работниците на возраст за пензионирање, Вермонт има најголема концентрација на вработени со скратено работно време.
Европејците живеат подолго, а просечниот животен век во Европската Унија достигна 81,5 години. Данска донесе измени со кои луѓето ќе работат до 70 години. И дел од Хрватите по пензионирањето работат, макар и со скратено работно време, затоа што пензиите не им се доволни за живот.
Извор: faktor.mk
