Како дел од активната мерка за јавни работи насочена кон заштита и превенција од пожари, 499 кандидати се пријавија на јавниот повик на Владата. Од нив, 364 лица започнаа дводневна теоретска и практична обука во соработка со надлежните институции и територијалните противпожарни единици во општините каде што се одвиваше процесот.
По успешно завршената обука, 352 учесници се подготвени да бидат вклучени во активности на терен. Нивниот ангажман ќе продолжи преку договори за јавни работи склучени со Агенцијата за вработување, во партнерство со општините и институциите надлежни за заштита и спасување.
Оваа пилот-мерка претставува конкретен чекор кон подобрување на капацитетите за справување со пожари на локално ниво и поттикнување на одговорност во заштитата на животната средина.
Иако мерката предвидува ангажман за општо добро – заштита од пожари и грижа за природата – бројот на пријавени (499 кандидати на ниво на цела држава) покажува загрижувачки тренд: сѐ помалку луѓе се подготвени да се вклучат во вакви клучни и одговорни задачи.
Се поставува прашањето: ако нема кој да гаси, дали навистина ја сакаме оваа земја како што велиме? Пожарите не прашуваат ни за празник, ни за викенд, ни за жештина. А потребата од обучени, посветени луѓе кои ќе застанат први на линија е сѐ поголема.
