Над 15.000 ученици ќе полагаат државна матура
Актуелно

Над 15.000 ученици ќе полагаат државна матура

17. 05. 2025.

За полагање на двата екстерни испита од годинашната државна матура, што ќе се спроведе на 31 мај и 11 јуни, пријавени се 15.004 кандидати. Од нив, 8.816 ученици се од средните стручни училишта, 5.966 од гимназиите и 222 од училиштата за уметничко образование.

-Подготовките за организирање на државната матурата течат согласно предвидената динамика. Се прават последните подготовки за реализација на испитите, изјави за МИА Даниела Јовчевска-Михајловска, директорка на Државниот испитен центар, две недели пред полагањето на првиот екстерен испит-мајчин јазик и литература, кој е задолжителен за сите ученици.

Според податоците на ДИЦ, 9.969 ученици се пријавени за испитот по македонски јазик, 4.339 за албански јазик, 292 за турски јазик и 10 ученици за српски јазик.

Почнува полагањето државна матура

Вториот екстерен испит од државната матура, кој е изборен за учениците, ќе се полага на 11 јуни. Како и во минатите години, и на оваа државна матура најголем број избрале да полагаат англиски јазик (13.457).

За тестот по математика се пријавиле 1.246 ученици, 73 ќе полагаат германски јазик, 24 – француски јазик, 62 – естетика. За тестот по филозофија има 7 кандидати, четворица за руски јазик и тројца за италијански јазик.

За надгледување на испитниот процес, ДИЦ ќе ангажира околу 2.000 тестатори.

Извор: fokus.mk